26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИГазпром очекува раст на испораките на гас во Европа во 2016-та година

Газпром очекува раст на испораките на гас во Европа во 2016-та година

gaspromce

Во овој момент извозот на гас кон Европа расте за 10%, соопшти шефот на „Газпром“, Алексеј Милер, цитиран од руската новинска агенција ТАСС. „Ништо не сугерира за намалување“, дополни тој.

Според оценките на рускиот државен гасен гигант во 2016-та година испораката на гас кон Европа ќе биде во обем од околу 170 милијарди кубни метри или зголемување од 6,6 отсто. Во 2015-та година испораките се зголемија за 8% до 159,4 милијарди кубни метри.

Најголем раст има во однос на снабдувањето во Данска (137,3%), Холандија (95,6%), Грција (66,2%) и Велика Британија (62,1%), прецизира уште Милер. Испораките за Полска се со 21,5% поголеми.

Од „Гаспром“ повторно предупредуваат дека Украина доцни со пумпање на гас во своите складишта и тоа може да ја стави под закана есенско-зимската сезона во Европа. Во земјата потрошувачката на гас се намали за 30% и населението на Украина не е загрозено, но од друга страна преку складишта земјата го гарантира транзитот на гас, дополни Милер.

И минатата година руската компанија имаше стравувања дека Украина не е подготвена за зимската сезона со доволно гас во складишта. До прекин на протокот, сепак не дојде.

„Газпром“, сепак ја гледа Украина како несигурна рута на суровината и затоа подготвува планови за нејзино заобиколување. Дел од оваа политика е проектот за проширување на „Северен поток“. Засега Москва вели дека очекува цврсти гаранции од ЕУ за да се реализираат и идеите за напојување со гас на Југоисточна Европа – преку „Турски поток“ или преку „Јужен тек“.

Во однос на „Северен поток 2“, Милер не гледа причина за одложување на работата, а и сите западни партнери веќе го потврдија своето учество во него.

Претходно заменикот на Милер – Александар Медведев потврди дека работата на гасоводот оди според планот и покрај одбивањето на Полска да регистрира заедничко вложување меѓу „Газпром“, „Engie“, „OMV“, „Shell“, „Uniper“ и „Wintershall“ со образложение дека тоа ќе ја наруши конкуренцијата на локалниот пазар на гас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП