27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБолеста „чвореста кожа“ погодила 235 животни, се чекаат вакцините

Болеста „чвореста кожа“ погодила 235 животни, се чекаат вакцините

ahv

Болеста „чвореста“, или „јазлеста кожа“, која се појави кај говедата во Македонија, до денеска, е потврдена во осум општини, при што 12 животни во 10 одгледувалишта манифестирале клиничка слика, а 235 се афектирани, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Зоран Поповски.

Според Поповски, покрај усмртувањето и нештетното отстранување на заболените грла, превентивно се формирани и заштитни зони со радиус од три километри околу жариштата каде болеста е потврдена, зони под надзор со радиус од 10 километри околу жариштата и зони под ограничување во радиус од 50 километри околу жариштата.

„Болеста „јазлеста кожа“ е локализирана во источна Македонија и е ставена под контрола во сите осум општини каде што е потврдена, Демир Капија, Штип, Василево, Босилово, Радовиш, Струмица, Ново Село и Делчево. Но, поради начинот на нејзиното релативно лесно и брзо пренесување со инсекти (мушички, комарци, муви,…) не е исклучено натамошно ширење“, истакна Поповски, при што нагласи, можно е до крајот на месецот да бидат афектирани три илјади животни.

Сепак, потенцира Поповски, секоја прогноза за ширење на болеста би била шпекулација со оглед на начинот на пренесувањето, моментно потпомогнат и од временските услови.

Тој ги отфрли констатациите за наводно ненавремено реагирање од страна на државата, затоа што рече, по добиените сознанија за појавата на „јазлеста кожа“ во соседните земји, реагирале веднаш и порачале вакцини, кои треба да пристигнат до крајот на месецот, а се чека зашто оваа компанија е единствен производител во светот.

Одговорајќи на новинарски прашања, информира дека забраната за дистрибуирање млеко и месо која досега важеше за афектираните подрачја, сега се однесува само на одгледувалиштата каде болеста е потврдена.

„Млекото и месото ќе може да се предаваат во заштитните зони, но со одреден надзор. Болеста и млечните и месните производи воопшто не се опасни за здравјето на луѓето“, рече Поповски, а забраната и останатите вакви мерки се воведени само заради спречување на ширењето на болеста, не и затоа што овие производи се штетни.

Обесштетувањето на сточарите, пак, ќе се врши веднаш штом сопственикот на усмртените грла поднесе соодветно барање, а исплатата ќе биде реализирана во најкраток можен рок, со пари од буџетот на АХВ.

Болеста „јазлеста кожа“ е типична за африканскиот континент и досега се сметаше за егзотична, но од минатата година, со поместување на некои температурни граници, поволни за векторите (преносители), преку Блискиот Исток се прошири во Турција, а од таму во Грција и Бугарија. Овие две земји засега бројат по околу 7.000 афектирани грла. Болеста е многу присутна и во Израел.

Во Македонија „јазлеста кожа“ се појави и беше откриена на 18 април, а потврдена на 21 април годинава.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП