Корисниците на „WhatsApp“ наскоро би можеле да добијат уште поголема контрола врз својата приватност, откако апликацијата тестира нова функција со која ќе можат самостојно да одредат кој ќе има пристап до нивниот телефонски број.
Новата можност е дел од напорите на платформата за дополнителна заштита на личните податоци. Откако во јуни беа воведени корисничките имиња, со кои корисниците можат да комуницираат без да ги разменуваат телефонските броеви, сега се подготвуваат и дополнителни поставки за нивната видливост.
Според порталот „WABetaInfo“, функцијата е забележана во бета-верзијата на апликацијата за „Android“, со ознака 2.26.45.1.
Новата поставка ќе понуди четири можности за одредување кој може да го гледа телефонскиот број: сите корисници, само лицата од контакт-листата, сите контакти со исклучок на конкретно избрани лица или целосно сокривање на бројот од другите корисници.
На овој начин, секој ќе може да ја приспособи видливоста на својот телефонски број според личните потреби, вклучително и за време на повиците и разговорите.
Функцијата засега е во фаза на тестирање, па не е познато кога ќе биде достапна за сите корисници.