Продолжува праксата на „падни – стани“ во производството на индустријата во Македонија. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека за разлика од претходниот месец кога индустријата беше во минус, сега има благо подобрување. Извештајот на статистика вели дека индустриското производство во септември годинава е зголемено за 2.4 % во однос на септември 2025 година.
Кога ќе се проанализира извештајот веднаш се забележува дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во септември 2026 година, во однос на септември 2025 година, бележи опаѓање од 7.7 %. Но во секторот Преработувачка индустрија забележан е пораст од 4.2 %, а пак во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 11.4 %.
Тоа што е интересно и е за очекување е зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија. Во овој сектор, има позитивни податоци во производство на пијалаци, производство на текстил, производство на хемикалии и хемиски производи, производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
„Најголемо влијание врз порастот на индустриското производство во септември 2026 година, во однос на септември 2025 година, има зголемувањето на производството во одделите: Производство на пијалаци со 21.3 %, Производство на други неметални минерални производи со 64.4 %, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки со 5.0 %“ стои во извештајот на ДЗС.
Според главните индустриски групи, производството во септември 2026 година, во однос на септември 2025 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 16.9 % и Капитални производи за 1.3 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 20.3 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 8.3 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4.5 %.
Индексот на индустриското производство во периодот јануари – септември 2026 година, во однос на периодот јануари – септември 2025 година, изнесува 100.8.
Имено, пред неколку дена Државниот завод за ревизија ги објави податоците за поделените пари во вид на кредити кои имаа цел да ја подобрат производствената компонента на фирмите. Бројките велат дека од вкупно 767 одобрени проекти, во вредност од 14,25 милијарди денари, најголем број се на мали претпријатија, додека најголем дел од финансиските средства е одобрен за големите компании.
И.П