Научниците за прв пат регистрираа сигнали во најмалку истражената област на субатомскиот свет, дури 100 милијарди пати помала од атом, во истражување спроведено на уредот за истражување на фундаменталните честички на материјата – Големиот хадронски судрувач (LHC) во ЦЕРН.
Истражувањето, предводено од научници од Универзитетот во Кембриџ, би можело да помогне во развојот на поцелосна теорија за тоа како функционира универзумот, а истражувачите ја нарекоа оваа екстремно мала област „зептосферата“, објавува Би-Би-Си.
Научниците ги проучувале резултатите од судирите на честички со висока енергија во LHC, особено однесувањето на субатомска честичка позната како “beauty” кварк.
Таа честичка постои само околу 1,5 милијардити делови од секундата пред да се распадне на други честички, но истражувачите беа во можност да ги регистрираат нејзините интеракции со други честички на скала од милијардити до трилионски делови од метар.
Според некои теории, на таа скала честичките би можеле да бидат особено чувствителни на темната материја, која го сочинува поголемиот дел од универзумот, но досега останала директно невидлива.
Проучувањето на овие интеракции затоа би можело да им помогне на научниците да детектираат траги од темна материја.
„Тропаме на вратата на зептосферата“, изјави за Би-Би-Си Хари Клиф од Универзитетот во Кембриџ, кој ја водеше анализата на податоците, додавајќи дека е потребно да се соберат повеќе податоци за да се детектираат нови честички.
Дваесет и осум земји вклучени во проектот одобрија инвестиција од 150 милиони фунти за надградба на детекторот на Големиот хадронски судирач, што треба да ја зголеми фреквенцијата на проучените распаѓања за фактор 10.