Очајната сосотојба во која со децении се наоѓа македонската железница уште еднаш ја потврдува Државниот завод за ревизија со својот најнов извештај. Имено, ревизорите забележале дека од вкупно 62 локомотиви со кои располага „ЖРСМ Транспорт“ АД – Скопје во функција се само девет. Дополнително, компанијата секоја година тоне во долгови, а 2024 година за кога е направено ова истражување минусот во касата им бил нешто над 109 милиони евра. Тоа што го утврди ДЗР, како главни причини за лошата состојба е староста на возниот парк, ненавремените инвестиции во средни и големи поправки, недостигот од финансиски средства, нередовните набавки на резервни делови и недоволната обнова на капацитетите.
Податоците на државните ревизори велат дека од 16 патнички гарнитури само пет се во функција, а од 47 патнички вагони само два се користат во редовниот сообраќај за превоз на патници. Ваквиот сооднос според ревизорите на влечените капацитети е на граница на нивната техничко-технолошка експлоатациона моќност. Извештајот содржи и податоци за залихите со кои располагала компанијата која е во државна соспственост. Податоците велат дека 71% од залихите на фирмата се со вредност од 5,5 милиони евра, а тие се постари од 2019 година. Но на крајот на пресметковниот период не било извршено нивно вредносно усогласување. Дополнително, ревизорите констатирале слабости и со управувањето со нафтените деривати.
„Утврдена е состојба која се однесува на материјалните средства во подготовка кои во износ од 118.016 илјади денари или 1.913.000 евра се однесуваат на завршена градба од прва категорија “Реконструкција и адаптација на работилници за одржување на железнички возила” . И покрај обезбедени сите потребни документи (дозволи за градба и одобрение за употреба) од надлежниот орган и повеќегодишно користење на работилниците за извршување на редовните работни процеси, во трговските книги на друштвото не е евидентирана како недвижност и за истата не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период во износ од 11.407 илјади денари и во тековната 2024 година во износ од 2.950 илјади денари, што влијание на финансискиот резултат на друштвото.“ стои во извештајот на ДЗР.
Како еден од најинтересните наоди до кои дошле ревизорите е дека и покрај правосилно завршените судски постапки и високата веројатност за одлив на економски ресурси во износ од околу 4,2 милиони евра, друштвото не извршило резервирање средства согласно Меѓународниот сметководствен стандард 37. Поради тоа, обврските, трошоците и финансискиот резултат не биле реално и објективно прикажани во финансиските извештаи. Како небулоза која е откриена во ревизијата стои и дека имало недоволна контрола и врз потрошувачката на вода. Според фактурите за анализираниот период, тие изнесувале пет и пол милиони денари, а тоа според ревизијата е прекумерна потрошувачка, несоодветна за административни и услужни дејности.
„Постојат слабости и во управувањето со човечките ресурси, примената на законската и интерната регулатива во областа на работните односи, организацијата на работните процеси, како и во системот за пресметка и исплата на плати и надоместоци. ЖРСМ Транспорт АД Скопје континуирано искажува загуби од работењето при што за 2024 година загубата изнесува 331.796 илјади денари, што споредено од претходната година (2023 година) бележи намалување за 427.567 илјади денари, но заедно со пренесена загуба од претходни години (6.442.424 илјади денари) достигнува вкупен износ од 6.754.219 илјади денари односно 109.115.000 евра.“ се наведува во извештајот.
Во однос на набавките реализирани преку проектот за обнова на возниот парк, тој и понатаму е застарен, со старост поголема од 40 години. Од вкупно 1.382 товарни вагони, само 378 имаат важечка ревизија и се способни за сообраќај, додека 1.004 се надвор од сообраќај поради истечена ревизија. Ревизорите заклучуваат дека континуираните загуби негативно влијаат врз тековното и идното работење, развојот на друштвото и ефикасното, безбедното и навременото одвивање на железничкиот сообраќај. За надминување на утврдените неправилности, овластениот државен ревизор дал препораки.
И.П