МАКЕДОНИЈА

Кошница за преживување: Каков стандард ни пресметува државата?

Додека Министерството за економија и труд уверува дека нивната нова пресметка нуди објективна слика за реалната потрошувачка на домаќинствата, бројките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) алармираат за суровата реалност. Разликата од над 12.000 денари помеѓу двете кошници го отвора клучното прашање: Дали власта пресметува достоинствен, нормален живот или едноставно дефинира математичка формула за месечно преживување?

Според последните податоци, просечната потрошувачка кошница на Министерството за економија за септември изнесуваше 58.117 денари. Од друга страна, Синдикалната минимална кошница на ССМ незапирливо расте и во октомври ја проби психолошката граница, достигнувајќи 70.358 денари.

Каде исчезнуваат тие 12.241 денар разлика? Одговорот лежи во методолошкиот пристап:

Според Дурмиши, разликите со другите кошници произлегуваат од различниот опфат, структурата и изворите на податоци. Министерството пресметува 11 категории трошоци, со цени од повеќе градови, пазари и трговски синџири.

Дека државниот модел е поблиску до преживување отколку до нормален живот, покажуваат анализите ССМ. Во октомври, само за храна и пијалаци според ССМ се потребни 26.170 денари.

За иронијата да биде поголема, оваа сума е за 124 денари повисока од минималната плата во државата, која изнесува 26.046 денари. Тоа значи дека ако еден работник во семејството зема минималец, неговиот труд не е доволен ниту за да ја наполни семејната трпеза, а камоли да плати сметки, лекови или образование.

Најголемиот јаз во дебатата „нормален живот или преживување“ се крие зад зборот кирија. Владината пресметка главно претпоставува дека секое четиричлено домаќинство поседува свој имот. Сепак, за младите семејства и подстанарите, пазарната реалност е немилосрдна.

Доколку во синдикалната пресметка се вклучи изнајмување на стан од 60 квадратни метри, сумата потребна за да се претурка месецот скока на алармантни 85.733 денари. Со две просечни плати, ваквото домаќинство едвај ќе заштеди нешто ситно, но доколку едниот зема просечна, а другиот минимална плата, во тој случај нема да можат да го протуркаат месецот.

И додека министерот Бесар Дурмиши и владата велат дека целта не е „натпревар чија кошница е повисока“, туку обезбедување на статистички заснована слика, реалноста на терен го говори спротивното. Владината потрошувачка кошница од 58.117 денари можеби е реална слика за тоа во какви стеги се наоѓаат граѓаните кои кратат од секоја можна ставка, но таа дефинитивно претставува кошница за преживување.

Нормалниот живот, оној во кој детето може да оди на вонучилишни активности, во кој се купуваат квалитетни обувки, се купува квалитетна храна, се посетува театар или концерт без грижа на совеста, во Македонија почнува дури тогаш кога во куќниот буџет ќе се слеат над 70.000 денари. Сè под тоа е само прецизно менаџирана сиромаштија.