МАКЕДОНИЈА

Кога законот е строг за културата, а флексибилен за Уставниот суд!

Синдикатот на културата на Република Македонија официјално го побара Правилникот со којшто согласно Актот на Уставниот Суд се уредува пресметувањето на платите на вработените во неговата Служба. Синдикалците од областа на културата јавно прашуваат, од кога законот е строго дефиниран за секторот култура а флексибилен за уставниот суд. Преку низа на барања и забелешки од Синдикатот на културата велат дека јавноста ќе добие соодветен одговор.

Од Синдикатот на Културата велат дека Правилникот на Уставниот суд не е закон донесен од Собранието, донесен е од самиот Суд, со кој се уредуваат одредени прашања за вработените во службата на истиот. Токму затоа, тие велат дека прашањето е едноставно, врз основа на која конкретна уставна или законска одредба Судот го заснова овластувањето самостојно да го уредува платниот систем на сопствената Служба.

Според Актот или Деловникот на Судот, вработените во неговата Служба имаат статус на вработени во јавниот сектор. И сега синдикалците се незадоволни бидејќи нивните плати се пресметуваат со примена на коефициенти помножени со просечната плата.

Во културата, пак, коефициентите се уредени со Колективниот договор, само основицата за пресметка е поинаква. Тоа, значи дека коефициентите можат да постојат и во двата система, но кога станува збор за основицата и правната рамка, одеднаш се појавуваат различни стандарди.

„Зошто она што е прифатливо за платниот систем на Службата на Уставниот суд станува спорно кога станува збор за платите на културните работници. Ако Судот смета дека платите во културата мора да имаат јасна законска основа, без оглед на тоа што се уредени со Колективен договор, тогаш дали истиот правен стандард го применува и врз платниот систем на сопствената им Служба“, прашуваат од Синдикатот на културата.

Синдикалците апелираат, ако постои правна разлика, нека се посочи конкретна уставна или законска одредба што ја оправдува. Но додаваат, не со општи формулации, не со повикување на институционална автономија, туку со јасен правен одговор. Правните стандарди според нив не можат да бидат строги за едни, а попустливи за други само затоа што едните ги утврдуваат правилата, а другите се должни да ги почитуваат.

Инаку, ако правната логика е дека Уставниот суд може со сопствен правилник да си ги уредува прашањата што ги засегаат , можеби „Уставниот суд би можел да донесе и посебен Правилник за тоа во кои денови обичните смртници треба да им се обраќаат со „Ваше височество“, кога со „Ваше божество“, а кога, во знак на особена милост, ќе им биде дозволено само да се поклонат. Секако, со посебен коефициент за длабочината на поклонот, зависно од сложеноста на судиската функција.

За поклонувањето, веројатно, нема да биде потребен закон. Законска основа, изгледа, е неопходна само кога се утврдуваат платите и правата на културните работници. Кога станува збор за сопствениот двор, доволен е сопствен правилник“, се наведува во реакцијата на синдикатот.

Тие поставуваат уште едно процедурално прашање до почитуваните како што ги нарекуваат – „истакнати правници“: Во ироничен стил ги прашуваат уставните судии, дали и гравитацијата важи во просториите на Уставниот суд, или и нејзината примена е оставена на уредување со посебен акт, односно правилник. Дилемата сега на синдикалците е зашто, ако законите и правните принципи важат различно зависно од тоа врз кого се применуваат, тогаш проблемот одамна не е само во платите, велат проблемот е во еднаквоста пред правото.

„Уставен суд на Република Северна Македонија не смее да биде институција во која правните стандарди важат за сите други, а за вработените во самата институција исто така класифицирани како вработени во јавниот сектор постојат посебни правила.

Уставноста не е привилегија само за некои. Независноста не е неограничено овластување. “Правдата” не може да “ѕирка” само кога станува збор за личните им привилегии, или во случајов сеʼ се може“, велат од СКРМ.

Затоа синдикалците бараат итни одговори. Не привилегии, не исклучоци, туку еднакви правни стандарди за сите.

И.П