Вкупните одливи на средства од „АЛТА банка“ АД Битола кон Србија по 26 октомври изнесуваат околу 180.000 евра, додека приливите од Србија во земјава во истиот период изнесуваат околу 16.000 евра. Станува збор за редовни трансакции на клиентите на Банката поврзани со нивното работење, меѓу кои и плаќања за увоз на стоки. Не се евидентирани милионски трансфери, ниту податоци што би ги потврдиле тврдењата за такви одливи и перење пари. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во гостувањето во емисијата „Топ тема“, осврнувајќи се на обвинувањата за наводни одливи на средства од „АЛТА банка“ и сомневањата за перење пари.
„Вкупните одливи кон клиенти во Србија изнесуваат 180.000 евра. Повторувам, станува збор за редовни плаќања преку „АЛТА банка“ Битола кон Србија. Ги проверивме трансакциите и станува збор за плаќања поврзани со редовното работење на клиентите на Банката, меѓу кои и мали бизниси во земјава коишто увезуваат стока. Од друга страна, приливите од Србија во земјава во истиот период изнесуваат само 16.000 евра. Значи, нема милионски трансфери, нема такви одливи, ниту податоци за перење пари“, истакна гувернерот Славески.

