„Audi“ наскоро тргнува во обнова на моделите „A4“/„A5“. Најпрво ќе биде претставена лимузината „A4“ која сега за прв пат е фотографирана без камуфлажа.
Германскиот производител остана доследен на својот препознатлив дизајн, а стислките разлики меѓу актуелниот и идниот „A4“ се во деталите.
Според новите фотографии можеме да забележиме елементи, како фаровите и стоп светлата кои на претходните „шпионски“ слики беа сокриени со маскирни фолии.
Фаровите се засечени, па така сега имаат форма на бумеранг, а покажувачите на правецот се изведени во „LED“ технологија и се позиционирани на врвот на предните светлосни групи, додека стоп светлата се потенки во споредба со претходниот модел.
Маската на ладилникот се уште е делумно сокриена, но јасно се надѕира нејзината карактеристична шестаголна форма. Хромираната рамка која се наоѓа под црната фолија сега е поширока од претходно, како што тоа е случај со најновите генерации на моделите на „Audi“.
Од „Audi“ засега не ги откриваат техничките детали, но се очекува дека новиот „A4“ ќе биде поставен на „MLB“ платформата и ќе биде полесен од претходникот.
За понудата на мотори само се претпоставува, но „Audi“ има голем избор на 1.4, 1.8 и 2.0 литарски „TFSI“ бензинци, додека за „S4“ е разервиран 3.0 литарски „V6“ агрегат.
Што се однесува за дизелите, на располагање се пред се „TDI“ мотори од 2.0 литри.
Погонските единици ќе бидат поврзани со шестстепен мануелен или изборен деветстепен автоматски менувач.
Со оглед дека „Audi“ повеќе и не се труди да ги сокрие прототиповите при тест возењата, наскоро можеме да ги очекуваме и првите официјални фотографии и техничките детали.
Премиерата на новиот „A4“ би требало да се одржи на саемот за автомобили во Франкфурт, во септември 2015-та.