Софтверскиот експерт, Џејмс Форшоу добил награда во износ од 100.000 долари од „Microsoft“, соопшти компанијата. Форшоу откри необичен начин за заобиколување на заштита на „Windows 8.1“, па така тој ја заслужил целосната награда која софтверскиот гигант ја дава.
Се разбира, „Microsoft“ не открива детали за проблемот. Компанијата, сепак вели дека откритието на Форшоу и овозможува да ја развие заштита против другите напади и ќе ги ограничи можностите на хакерите за злоупотреби, дури и при успешно надминување на системите за безбедност.
Форшоу и претходно има откривано проблеми во безбедноста на производите на „Microsoft“. Тој добил и 10.000 долари награда од компанијата за пронајден пропуст во „Internet Explorer 11 Preview“.
Софтверскиот гигант објави дека ќе продолжи да ги наградува програмерите кои откриле слабост во заштитите на нејзини производи. Износот на наградите варира според степенот на важност на откритието, а максималниот износ е 100.000 долари.