30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКАКО БЕЗ СОРАБОТКА СО РУСИЈА? Големо предупредување - европската енергетска криза ќе...

КАКО БЕЗ СОРАБОТКА СО РУСИЈА? Големо предупредување – европската енергетска криза ќе трае со години

Додека европските лидери кратковидно се занимаваат само со тоа како ќе ја преживеат зимата без руски енергетски извори, тие ја пропуштаат многу поголемата слика. Прашањето е всушност – што ќе се случи со сите наредни зими?

Аналитичарите од енергетскиот сектор за „Фајненшл тајмс“ предупредуваат дека доколку регионот не успее да ја намали побарувачката и да обезбеди нови испораки на гас, европската енергетска криза ќе трае со години.

Европскиот економски комесар Паоло Џентилони за „EuroNews“ предупредува дека доколку руската специјална воена операција во Украина не заврши до следната зима, енергетските проблеми драстично ќе се влошат.

-Според нашите прогнози, би можеле да започнеме со закрепнување веќе во средината на 2023 година, а инфлацијата би можеле да ја намалиме во втората половина на 2023 година. Но, ако не можеме да ја доведеме војната до крај, ризиците за енергијата следната зима може да бидат уште полоши од оние со кои се соочуваме денес – коментира Џентилони.

Во текот на летото, европските земји сè побрзо ги полнеа своите подземни складишта за гас. Така, тие донекаде ја зајакнаа енергетската безбедност на континентот. Но, што ќе се случи следната година кога воопшто нема руски гас во Европа? Дали ЕУ ќе може да го повтори својот „подвиг“ и да ги надополнува залихите дури и со дополнителни испораки на течен природен гас од други добавувачи?

Џентилони предвидува дека ситуацијата во втората половина на 2023 година ќе биде подобра од сега, но претпазливо додава дека „тоа зависи и од еволуцијата на геополитичката криза со која се соочуваме овде во Европа“.

-Ние сме во гасна криза и ќе продолжиме да бидеме во кризен режим во следните две или три години – изјави за „Фајненшл тајмс“ Сид Бамбавале, шеф на одделот за течен природен гас за азискиот регион во Витол.

Загриженоста за енергетската иднина расте, а европските лидери треперат со денови поради новата закана на Москва да го ограничи снабдувањето преку единствениот преостанат гасовод што ги поврзува Русија и Европа.

Сепак, побарувачката за гас се намалува поради фактот што корисниците се префрлаат од овој енергенс на јаглен и нафта. Домаќинствата и индустријата на тој начин ја намалија потрошувачката за 13 отсто во однос на тригодишниот просек.

Поради ова, европските резерви на гас останаа исполнети до околу 90 отсто капацитет дури и во септември, кога веќе се подготвува грејната сезона.

Експертите, сепак, предупредуваат дека ваквото високо ниво на складирање може да предизвика забавување на падот на побарувачката.

Тие нагласуваат и дека количината на руски гас што пристигнува во Европа следната година ќе падне на незначителни нивоа, па така дупката во складиштата што треба да се пополни ќе се зголемува.

А што ако, згора на се, Кина (која досега поради намалената потрошувачка извезуваше поголеми количини природен гас) ја олесни својата политика во борбата против Ковид-19, почне да троши повеќе сама и да испорачува помалку гас на Европа?

Податоците на аналитичарот на компанијата „ИЦИС“ Пол Ди Мати, покажуваат дека Европа следната зима ќе ја дочека со магацини исполнети само до 65 отсто од капацитетот – во пет од седум сценарија.

Едно од сценаријата што ќе и овозможи на Европа да има доволно залихи вклучува значително намалување на побарувачката или само во текот на зимата или во текот на целиот период од ноември 2022 до септември 2023 година.

Друго сценарио за нивото на складирање да се искачи над 65 отсто е увозот на природен гас да се зголеми на 440 милиони кубни метри дневно.

Оваа втора опција, сепак, има сериозни ограничувања. Поради годините недоволни инвестиции во проекти за фосилни горива, прашање е дали Европа воопшто би можела да го добие целиот тој гас. И покрај фактот што некои земји планираат изградба на терминали за регасификација, континентот е во сериозен „недостиг“ од овие централи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП