30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Ifo“: И покрај украинската криза, германските бизнис лидери се оптимисти

„Ifo“: И покрај украинската криза, германските бизнис лидери се оптимисти

Деловните лидери во Германија во февруари изразија поголем оптимизам во нивните деловни прогнози за следните месеци, и покрај кризата во Украина, покажа истражувањето на Економскиот институт „Ifo“ во вторникот.

Индексот на деловната клима на „Ifo“ се зголеми за 2,8 поени во февруари во споредба со јануари и изнесуваше 98,9 поени, што е негова највисока вредност од септември минатата година.

Компаниите се позадоволни и од тековното работење, што се одрази со растот на соодветниот индекс за 2,4 поени.

„Германската економија ја поставува основата за крај на кризата со коронавирусот“, рече претседателот на „Ifo“, Клеменс Фуест.

Истражувањето го покажува оптимизмот на деловните кругови во Германија и покрај ескалацијата на кризата во Украина. Така, цените на нафтата на лондонскиот пазар надминаа 99 долари, откако Русија призна два одметнички региони во источна Украина, испраќајќи „мировници“ во нив.

Западот и се закани на Москва со санкции доколку нападне соседна земја. Москва ги негира тврдењата на западните власти дека подготвува напад, но признавањето на Доњецк и Луганск и испраќањето руски војници во двете самопрогласени републики значително ги зголемија шансите за санкции.

Пазарите стравуваат дека санкциите би можеле да ја опфатат и руската енергија, а Германија е силно зависна од рускиот гас.

Германското индустриско здружение (BDI) во понеделникот предупреди дека високите цени на енергијата може да ги поттикнат некои компании во странство.

„Ситуацијата е толку сериозна што дури и средните компании од различни сектори, кои инвестирале многу во нивната локација, мора да размислуваат да се преселат во странство“, рече претседателот на „BDI“, Зигфрид Русвурм.

Германската централна банка вчера предупреди дека БДП-то би можел повторно да падне во првиот квартал поради новиот бран на инфекција со Ковид-19. Во последните три месеци од минатата година тој е намален за 0,7 отсто во однос на претходниот квартал.

Пролетниот квартал тогаш треба да донесе силно закрепнување, благодарение на силната побарувачка, предвидува Бундесбанката.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП