30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија: Укинување на правилото за работа од дома, потребни се долгорочни решенија

Германија: Укинување на правилото за работа од дома, потребни се долгорочни решенија

Во Германија, пакетот мерки за борба против пандемијата истекува на крајот на јуни, што вклучува обврска на работодавачот да им дозволи на вработените да работат од дома, потег кој беше поздравен од работодавците, додека синдикати и некои партии бараат трајно регулирање на овој облик на работа.

Претседателот на Германското здружение на работодавачи, Штефен Кампетер, изрази задоволство што „непотребното политичко мешање во работните процеси“ ќе заврши.

Тој ги повтори критиките од работодавците кои жестоко се спротивставија на задолжителната одредба за работа од дома воведена од владата на почетокот на април.

„Самите работодавци, без наредби од горе, добро го регулираа правилото за работа од дома каде и да е можно“, рече Кампетер.

Во исто време, синдикатите и некои партии бараат долгорочно законско регулирање на работата од дома.

Претседателот на Германската конфедерација на синдикати (ДГБ), Рајнер Хофман, рече дека последните месеци покажале дека многу вработени сакаат „здрава мешавина од работа на работно место и можности за мобилна работа“.

„Потребни ни се јасни правила што исто така ќе ги спречат негативните страни на работата од дома, како што се прекувремена работа и неплатена работа“, рече Хофман.

Долгогодишното правило за работа од дома е поддржано од владината Социјалдемократска партија на Германија (СПД), но не и од поголемиот коалициски партнер ЦДУ/ЦСУ.

Опозициската партија на зелените смета дека укинувањето на обврската за работа од дома во моментот на ширење на делтата варијанта на коронавирусот е „неодговорно“.

Една студија за здравствено осигурување на „ДАК“ покажа дека во најнаселената сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија, 57 проценти од вработените сакаат да ја задржат можноста за комбинирање на работата од работа и од дома.

Најголемата предност на испитаниците е заштеда на време за патување до работа како и поголема можност за комбинирање на работата и семејниот живот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП