За производителот на “Софија”, корона кризата е одлична можност и “Хансон Роботикс” најавија илјадници нови роботи оваа година.
Напредокот на роботиката во последните години е неверојатен. Денес имаме роботи кои совршено танцуваат, изведуваат вежби како гимнастичари, доставуваат храна, зборуваат како луѓе, итн. За компаниите во оваа индустрија, корона кризата е одлична можност, а така размислуваат и Хансон Роботикс од Хонг Конг. Името на оваа роботска компанија можеби на многумина не им значи многу, но стои зад веројатно најпознатиот хуманоиден робот во светот – Софија, која меѓу другото се прослави велејќи дека луѓето треба да бидат уништени.
Основачот и прв човек на компанијата Дејвид Хансон за медиумите изјави дека по болеста КОВИД-19, светот ќе биде поинакво место каде што некои работи ќе се променат, а една од нив е потребата за повисоко ниво на автоматизација. Можностите кои се отвораат за роботите се големи. На пример самата Софија вели дека роботи како неа можат да се користат во здравството, но и за грижа на стари и болни лица.
Хансон вели дека неговите роботи се уникатни затоа што навистина изгледаат како луѓе: Тоа може да биде од голема помош во овие времиња кога луѓето се чувствуваат осамени и социјално изолирани. Со тоа се согласува и Јохан Хорн, професор по социјална роботика, кој ја проучувал Софија. Тој вели дека иако самата роботика е сè уште во почетна фаза, пандемијата навистина може да ја зголеми врската помеѓу луѓето и роботите.
Но, здравството е само една од индустриите во кои Софија и роботите како неа можат да помогнат, а Хансон вели дека би можеле да ја пронајдат својата улога и во малопродажната и во воздушната индустрија. Затоа тој реши да го забрза развојот и производството на роботи и најави производство и продажба на илјадници роботи годинава. Еден од новите роботи кој го развиваат е “Грејс”, кој ќе се појави на пазарот оваа година, а ќе биде наменет за здравствениот сектор.