30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина започна трговска војна против Австралија

Кина започна трговска војна против Австралија

Кина им нареди на трговците со стоки да престанат да увезуваат одредени производи од Австралија.

Мерката е одговор на одлуката на австралиската влада да забрани „Huawei Technologies“ да гради 5G мрежи во земјата, како и инсистирањето на австралискиот премиер Скот Морисон самостојно да ги испита причините што доведоа до ширење на Ковид-19.

Со овој потег, Пекинг ги ескалира тензиите меѓу двете земји, чии дипломатски односи значително се ладат во последните неколку години.

Кинеските трговци нема да можат да купуваат јаглен, јачмен, бакарна руда и концентрат на бакар, шеќер, дрва, вино и ракови од австралиски добавувачи, пренесува „Bloomberg“, повикувајќи се на анонимни извори блиски до кинеската влада.

Предупредувањето беше упатено вербално до некои од водечките трговски компании и увозници во Кина. Железната руда, што претставува најголем извоз на Австралија во Кина, во моментов не е на забранетата листа.

„Кина изгледа решена да ја казни Австралија и да им даде пример на своите други трговски партнери. Пекинг демонстрира дека политичките напади против неа имаат свои економски трошоци“, изјави Ричард Мек Грегор од Институтот за истражување „Lowy“ со седиште во Сиднеј.

На почетокот на оваа година, Кина презеде низа рестриктивни мерки за увозот во Австралија. Испораките со месо и ракови беа одложени на царината, увозот на јачмен подлежи на давачки од над 80%, а увозот на дрва од Квинсленд беше забранет со образложение дека постои ризик од ширење на паразити.

Австралиското вино е предмет на истрага против дампинг од страна на кинеските регулатори.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин на брифинг изјави дека очекува Австралија да ги преземе неопходните чекори за нормализирање на билатералните односи.

Кина е најголемиот трговски партнер во Австралија, само со трговија со земјоделство во износ од над 11 милијарди долари помеѓу 2018-та и 2019-та година. Австралиската економија ја доживува својата прва рецесија по скоро 30 години, а „казнените“ мерки од Пекинг доаѓаат во најнеповолниот момент.

Во 2014-та година, кинескиот претседател Си Џинпинг беше во официјална посета на Австралија, а една година подоцна беше потпишан детален договор за слободна трговија меѓу двете земји.

Сепак, забраната за мрежата 5G на „Huawei“, како и обвинувањата изнесени од австралиската влада против Пекинг за мешање во внатрешноста, доведоа до нагло „ладење“ во билатералните односи.

Сепак, Австралија останува во голема мера зависна од извозот кон Кина. Поранешниот австралиски министер за финансии Џо Хокеј, кој беше дел од тимот што го разви трговскиот договор со Кина, рече дека Пекинг се обидува да изврши уцена.

„Главниот проблем е што Кина не сака да преговара. Тие само реагираат агресивно и се обидуваат да нè уценуваат. А, Австралија никогаш не била уценувана“, рече Хокеј, кој до јануари 2020-та година служеше како амбасадор во САД.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП