Италијанската банка „UniCredit“ преговара со француската „Аmundi“ за продажба на бизнисот за управување со средства „Pioneer Investmens“, соопшти „Ројтерс“, а договорот се проценува на 3,5 милијарди евра.
„Amundi“ има предложено подобра понуда од онаа на конзорциумот предводен од „Poste Italiane“ и од онаа на конкурентот „Ameriprise Financial“. Според двајца извори кои посакале да останат анонимни, понудата била највисока, освен тоа таа вклучувала и најдобар предлог за дистрибуција на финансиските производи на „Pioneer“.
Според трет извор, „Amundi“ e подготвена да плати над 3,5 милијарди евра, иако не е јасно дали во оваа сума се вклучува и „кешот“ од 325 милиони евра, држана од „Pioneer“.
„UniCredit“ ги разгледува можностите за продажба на средствата во рамките на управувањето со новиот извршен директор Жан-Пјер Мустие. На 13-ти декември ќе бидат претставени деталите за стратешкиот план, наведува „Ројтерс“.
„Pioneer“ e на шестото место во Европа по управување со средства, а управува со околу 225 милијарди евра.
Бидејќи инвеститорите во светот бараат повисок поврат, компаниите за управување со средства се зголемија и така тие станаа попривлечни за банките и финансиските институции.