„Air France“ објави дека има намера да скрати 1.000 работни места во 2016-та година, пренесоа агенциите. Изјавата на главниот извршен директор Фредерик Гаже беше дадена по завршувањето на седницата на производниот комитет на компанијата.
Гаже објасни дека компанијата се потпира да ја намали работната сила догодина главно со договори за доброволно напуштање. На прашањето за конфликтот меѓу раководството на авиопревозникот и синдикатите и вработените, тој посочи дека дијалогот се води, иако во моментов нема позначаен напредок.
Компанијата планира, како што претходно беше познато, во наредните години да отпушти 2.900 работници. Засега не се земени конкретни решенија по ова прашање, што беше потврдено и од претставници на синдикатите кои учествувале во заседанието.
Седницата се одржа во силно обезбедуваната зграда во западниот дел на Париз. Засилените мерки за безбедност се должат по инцидентот кој се случи на претходниот состанок, кој беше организиран во комплекс крај аеродромот „Шарл де Гол“. Тогаш демонстрантите нападнаа двајца претставници на раководството на компанијата и им ја раскинаа облеката.
„Air France“, слично на германскиот конкурент „Lufthansa“, страда од силната конкуренција на евтини превозници, како „Easyjet“ и „Ryanair“. Кај летовите на подолги дестинации, пак силен притисок наоѓаат од арапските компании.
Францускиот концерн си постави за цел да дојде до профит кај летовите на средни растојанија до 2017-та. Уделот на добивката кај летовите на долги растојанија треба за истиот рок да биде зголемен од 50 до 70 отсто.
Претходно „Air France“ се закани дека ќе скрати 10% од летовите на долги растојанија до 2017-та година, освен ако пилотите не прифатат значителни намалувања на трошоците и промени во условите на работа, соопшти „Ројтерс“ претходно, повикувајќи се на свој извор запознат со проблемот.