29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИУСАИД проект за помала потрошувачка на енергија во македонската индустрија

УСАИД проект за помала потрошувачка на енергија во македонската индустрија

usaid

Македонските мали и средни претпријатија кои се занимаваат со индустриско производство, во следните три години ќе бидат таргет на УСАИД проектот за помала потрошувачка на енергија и намалување на емисијата на стакленички гасови.

Освен обезбедување поголема енергетска сигурност, целта на проектот е, како што беше речено денеска во Стопанската комора, домашниот приватен сектор да стане значително поконкурентен.

Ќе се воспоставуваат системи за идентификација на критичните точки – местата каде што потрошувачката на енергија е голема, за да се направат заштеди што ќе ги намали производните трошоци. Практично, ќе се спроведува систематски начин за заштеда на енергија преку управување/надгледување на енергијата во фирмите.

– Македонската економија е една од најенергетски интензивните во Европа што, меѓу другото, се должи и на користењето застарени технологии. Во оваа смисла мора нешто да се направи. Потрошувачката на енергија е се поголема, а цената на енергенсите, нафта, гас, постојано расне. Тоа има големо влијание врз фирмите кои, ако не се преориентираат нема да бидат конкурентни, ниту ќе се способни за производство, рече Драган Блажев, директор на УСАИД проектот за индустриски менаџмент, презентирајќи го проектот.

Според него, земјата нема доволно домашни ресурси за електрична енергија, а има потреба и од заштеда на енергијата.

– Примарната енергетска потрошувачка по единица бруто домашен производ во 2010 година била скоро 4 пати повисока во однос на развиените земји од Организацијата за економска соработка и развој што е голем индикатор дека македонската економија е една од најенергетски интензивните во Европа и дека во овој контест нешто треба да се направи. Во 2010-та финалната потрошувачка на енергија се зголемила за 11,5 отсто што покажува дека потрошувачката се зголемува, а увозот на електрична енергија е во постојан пораст. Во 2011 година бил 34,5 отсто, а лани 40,2 од вкупните потреби, посочи Блажев.

Во 2010 најголема потрошувачка на енергија е евидентирана во металургијата, градежни материјали и индустрија за храна.

Проектот за индустриски менаџмент почна да се реализира во јануари 2013, а ќе трае три години. Финансиската конструкција е 1,3 милиони долари. Поголема конкурентност на фирмите преку намалување на потрошувачката на енергија, поголема енергетска сигурност, како и намалување на емисијата на стакленички гасови се клучните долгорочни цели на проектот.

Ова е трето ниво на поддршка од УСАИД по проектите за формирање кластери, како и овозможувањето на фирмите извознички за излез на нови пазари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП