Технолошкиот гигант „Dell“ ќе инвестира 125 милијарди долари во Кина во наредните пет години, најави извршниот директор Мајкл Дел, во рамките на ширењето на бизнисот во втората по големина светска економија.
Инвестициите ќе придонесат за кинескиот извоз и увоз во износ од околу 175 милијарди долари и ќе обезбедат повеќе од милион работни места во Кина, порачаа од третиот по големина производител на персонални компјутери во светот.
„Интернетот е новиот мотор за идниот економски раст во Кина и неговиот потенцијал е неограничен “, констатираше во соопштението извршниот директор на „Dell“.
„Dell“ ќе го прифати принципот „произведено во Кина, за Кина“ и ќе ја прилагоди стратегијата „Dell China“ на кинеската економска политика, додава Дел, напоменувајќи дека компанијата дополнителнo ќе го прошири својот кинески тим за истражување и развој.
Компанијата во 2010 година најави дека во наредните 10 години планира во Кина да потроши 250 милијарди долари на набавки и останати инвестиции. Кина е нејзиниот втор пазар по големина, по САД.
Во моментот не е јасно дали новите 125 милијарди долари се составен дел од тој план. Според податоците на истражувачката компанија „International Data Corp“, „Dell“ во вториот квартал бил трет во светот по бројот на испорачани персонални компјутери, зад „Lenovo“ и HP.