25 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтратфор: Шенгенскиот договор ќе биде променет

Стратфор: Шенгенскиот договор ќе биде променет

shengen-shengen-zona

Шенгенскиот договор, со кој се укинати граничните контроли во 26 европски земји, ќе биде изменет, оценил истражувачко-аналитичкиот центар Стратфор.

Според анализата, нарушувањето на слободата на движењето сепак претставува опасност за иднината на Европската унија (ЕУ) во овој облик.

„Земјите членки во следните години ќе бараат да им се дадат зголемени овластувања и дискреција во поглед на повторното воведување на граничните контроли“, се наведува во анализата на Стратфор, објавена на порталот EurActiv.

„Членките на ЕУ во северна Европа исто така ќе за залагаат за суспензија или дури и исклучување на земјите на надворешните границите на ЕУ, за кои се смета дека не успеваат ефикасно да ги контролираат границите“, се вели во анализата.

Во текстот исто така стои дека како последица на ова, новите членки на ЕУ тешко ќе можат да влезат во Шенгенската зона, додека пак отпорот на земјите во Шенген зоната да прифатат држави како Романија и Бугарија, кои скоро деценија се членки на ЕУ, но се уште чекаат да станат дел од овој простор, ќе стане сосема вообичаена работа.

„Дури и доколку изостанат вистински реформи на Шенгенскиот договор, земјите членки ќе продолжат да ги зголемуваат полициските контроли на железничките и автобуските станици, како и на аеродромите“, стои во анализата, со потсетување дека повеќе земји веќе применуваат повремени полициски контроли на возовите и автобусите, оценувајќи дека таквата пракса најверојатно ќе биде проширена.

Во анализата со наслов „Европа разгледува измени на Шенгенскиот договор“ се истакнува дека иако Шенгенскиот договор не може да се поистовети со начелото на слободното движење, бидејќи секој граѓанин на ЕУ има право да отиде во друга членка и во неа да престојува независно од тоа дали постојат гранични контроли или не, ослабнувањето на тој договор може да му штети на начелото на слободното движење.

„Шенгенскиот договор е направен да го засили слободното движење на луѓето и да создаде континент без граници. Реформите на Шенгенскиот договор, до кои веројатно ќе дојде, ќе му наштетат на тоа основно начело“, стои во текстот.

„Најголемата закана за Европската унија е дека ослабнувањето на слободното движење на луѓето би можело да му претходи на ослабнувањето на слободното движење на стоката, а тоа би значело и крај на Европската унија во сегашниот облик“, се потенцира во анализата.

Како најзначајни причини за промените се наведуваат слабата економија и зголемениот прилив на мигранти, со објаснувањето дека и Шенгенскиот договор, како и еврозоната, биле започнати во 90-тите години, во моменти кога постоеле изгледи за траен економски просперитет и Студената војна била завршена, по што земјите членки биле подготвени да се одречат од суверенитетот во некои области.

„Ова не е првпат да се преиспитува Шенгенскиот договор, но владите и политичките групи ширум Европа, по комбинацијата од растечкиот број на баратели на азил, зајакнувањето на националистичките партии (кои се последици од недоволно силните економии) и кревкото економско опоравување, бараат промена, а во некои случаи и поништување на Шенгенскиот договор“, се заклучува во анализата на Стратфор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП