18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕврозоната ја деблокираше првата транша од помошта за Грција

Еврозоната ја деблокираше првата транша од помошта за Грција

grcija banka 3093

Третата програма за надворешна финансиска помош на Грција којашто до неодамна се наоѓаше на работ од банкрот и излегување од еврозоната, конечно ѝ е одобрена во средата вечерта, а првата транша ќе ја добие веќе денеска (20-ти август).

Министрите за финанси на земјите од еврозоната во средата навечер ја одобрија исплатата на првата помош од третиот пакет во вкупен износ од 86 милијарди евра, што на Грција ќе ѝ овозможи веќе во четврток да ја исплати доспеаната рата по обврзниците кон Европската централна банка (ECB) во износ од 3,4 милијарди евра, соопшти Европскиот механизам за стабилизација (ESM).

Управниот совет на ESM, во кој влегуваат министрите за финансии на 19-те земји членки на монетарната унија, „ја одобри програмата за помош на Грција“, се наведува во соопштението. Грција веднаш ќе добие 23 милијарди евра, потврдиле за AFP добро информирани извори.

Друг извор, пак, за агенцијата РИА прецизирал дека првата транша ќе биде во износ од 13 милијарди евра, за да може уште во првите утрински часови во четвртокот Грција да го исплати долгот кон ЕЦБ и да го избегне повторно техничкиот банкрот. Потоа, не подоцна од крајот на ноември годинава, во зависност од исполнувањето на условите зададени од доверителите, на Атина ќе ѝ бидат ослободени уште 3 милијарди евра.

Покрај тоа, уште 10 милијарди евра наскоро ќе треба да бидат резервирани од посебната сметка на ESM, чијашто намена ќе биде за докапитализацијата на грчките банки. Потребите за докапитализацијата ќе бдиат утврдени подоцна, во зависност од стрес-тестовите и оцената на активите на банките во Грција.

„Сите држави, кои тоа требаше да го направат, ја одобрија програмата на национално ниво. Управниот одбор на Европскиот механизам за стабилност (ESM), кој во име на еврозоната ќе ги издава заемите на Грција, исто така, се согласи за пакетот за поддршка на оваа земјa“, се вели во соопштениeто на ESM.

Максималниот износ на кредитите од третата програма изнесува 86 милијарди евра. Засега се смета дека средствата ќе бидат обезбедени само од ESM, но во еврозоната се надеваат дека, како и во двете претходни програми за финансиска помош на Грција, и во оваа ќе се приклучи Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Споменатиот износ ќе биде доделен до август 2018 година. „Максимално пондерираниот просечен рок за гаснење на кредитите изнесува 32,5 години“, се додава во соопштението на ESM. Притоа Грција ќе почне да ги плаќа каматите по кредитите постапно, а најдолгиот рок е околу 15 години по завршувањето на кредитот, се наведува во документите на Механизмот.

Се додава и дека ESM ќе ги прибира средствата на пазарите и со нив ќе ја кредитира Грција, како и дека во овој момент не се потребни дополните пари од буџетите на земјите од еврозоната. Стапката по кредитите на ESM ќе биде варијабилна, ќе се состои од трошоците за позајмувањата на Механизмот и од маржи. Во моментов стапката за кредитите на ESM изнесува во просек 1 отсто, во зависност од продуктот на Механизмот. „Сепак, оваа стапка може да биде променлива во зависност од условите на пазарот“, се вели во соопштението на ESM.

Европската комисија, ЕЦБ и ММФ ќе продолжат на квартална основа да го проценуваат исполнувањето на условите од договорот за новиот пакет за помош, особено во спроведувањето на реформите. Износите на траншите од третиот пакет финансиска помош ќе зависта и од евалуацијата и имплементацијата на барањата на доверителите, се наведува уште во материјалите на ESM, во кои увид имал Reuters. Првата процена, како што беше соопштено и претходно, ќе почне во првата половина оваа есен.

Средствата ќе бидат издавани особено доколку се постигнати целите на примарниот дефицит, а потоа и буџетскиот суфицит на земјата, како и реализацијата на низа реформи, меѓу другото во сферата на јавната администрација, пазарот на трудот, реформите во пензискиот и здравствениот систем итн.

Кон крајот на годината треба да биде формиран и посебниот приватизациски фонд во вредност од 50 милијарди евра, во којшто во прв ред би се слевале приходите од приватизацијата на услугите на поморските и воздушните пристаништа и од железничкиот транспорт. Грција управува со фондот, меѓутоа под надзор на меѓународните институции. Банките ќе треба во истиот период да ја завршат докапитализацијата, користејќи ги кредитите од ESM, како и од средствата на имателите на хартии од вредност на банките, но без зафаќање во парите од депозитите од кредитните институции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП