На интернет продолжуваат да се појавуваат податоци за идни производи на „Apple“. Најновите се поврзани со новиот модел на „iPad“, кој се очекува да биде претставен во текот на есента.
Според гласините, „Apple“ развива не еден, туку два нови таблети кои во моментов се со кодни имиња „J98“ и „J99“. И двата таблети ќе се со 12-инчни дисплеи, според познатиот со точноста на своите предвидувања, Марк Гурман од сајтот „9to5mac.com“.
Како што вели Гурман, датумот на излегувањето на новите таблети не е познат, бидејќи „Apple“ се уште работи на нивниот софтвер. Интересно во информацијата е дека, „Apple“ развива нова верзија на оперативниот систем „iOS“, специјално наменета за новите таблети, а целта е да се постигне оптимално користење на нивните најголеми дисплеи.
Новите таблети ќе им дадат можност да бидат користени од страна на неколку луѓе, затоа што софтверот ќе му овозможува на секој да може да го персонализира според работниот простор со сопствен налог и лозинка.
Екранот на новите таблети ќе може да се подели во сооднос еден спрема два, еден на три и две до три, во зависност од потребите. Па така ќе можат да се визуелизираат неколку апликации во исто време.