Кризата во поголемиот дел од светот е одамна заборавена. Тоа го покажува и постојаниот тренд во продажбата на нови автомобили. Во деведесетите години просекот изнесуваше околу 40 милиони продадени возила, од 2000-та до 2010-та, тој изнесуваше околу 50 милиони, а оттогаш продажбата константно расте.
Oд сето тоа најголема корист имаше „Toyota“ која веќе неколку години ја држи водечката позиција меѓу светските автомобилски брендови. Оваа година според реалните статистики и моменталните проценки, продадени се 10.2 милиони автомобили, што е околу 400.000 повеќе отколку минатата година.
Зад петите им е „GM“ кој има продадено само неколку десетина илјади помалку. Третото место го држи „Volkswagen“, концерн со 10 милиони продадени возила. Германицте и не се премногу задоволни со тие резултати и веќе подолго време најавуваат поход на самиот светски врв, а „No.1“ би требало да станат во 2018-та година. Оваа година плановите им ги расипа падот на продажбата во САД.
На четврто место се наоѓа концернот „Hyundai-Kia“. Корејскиот гигант пред дваесетина години беше не толку значаен играч на светската автомобилска сцена, а денеска сериозно се доближи до самиот врв.
Петтото место му припадна на „Ford“, кој пред десетина години беше меѓу лидерите.
Јапонскиот производител „Nissan“ кој ширум светот продаде 5.5 милиони примероци е шестти, а седмото место го држи групацијата „Fiat-Chrysler“ која во оваа година најавува значителен раст во продажбата.
Зад нив е „Honda“ која како единствен бренд во друштвото на десетте најдобро пласирани забележа пад во продажбата во однос на 2013-та. Јапонскиот производител има продадено околу 200.000 автомобили помалку, но тоа би можело значително да се промени веќе оваа година, затоа што „Honda“ најави најголем број на новитети за 2015-та.
Француските производители го држат долниот дел од „Top 10“. Концернот „PSA Peugeot-Citroën“ продаде 2.9, а „Renault“ 2.8 милиони автомобили.
Најмногу автомобили се продадени во Азија, следат Европа и Северна Америка. Од државите рекордер е Кина, а потоа следат САД, Јапонија, Германија и Велика Британија.