10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКомпаниите ќе можат да отворат детски градинки за вработените

Компаниите ќе можат да отворат детски градинки за вработените

gradinka 353

Правните лица и институциите за образование на стручен кадар за предучилишно образование во иднина ќе имаат можност за отворање детски градинки или центри за ран детски развој за потребите на своите вработени како посебни организациски единици. Во рамки на градинките ќе може да се формираат и центри за ран детски развој.

Ова се овозможува со измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, кој е во прво читање и кој денеска доби зелено светло од матичната собраниска комисија.

„Правни субјекти кои сакаат да организираат детски градинки за потребите на своите вработени ќе можат да организираат посебна организациска единица која ќе се грижи за заштита на деца“, образложи заменик­министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

Посочи дека нема лимит во смисла на тоа колкава е компанијата, но таа ќе мора да ги исполни условите и стандардите пропишани со законот, а кои се однесуваат на основање градинка и центар за ран детски развој.

„Секој што сака во согласност со законот за предшколско образование им се дава можност сами да формираат вакви организациски единици. Притоа кадарот што ќе биде таму ангажиран мора да има високо образование, да има лиценца за воспитувач и да биде способен да работи со тие деца“, рече Ибрахими.

Овие новини се однесуваат само на предшколски деца и на деца со посебни потреби и притоа кадарот што ќе работи со овие деца треба да биде обучен за тоа.

„Групите што ќе се формираат за згрижување на децата ќе се намалат за две доколку се прими на згрижување дете со посебни потреби односно полесно попречување во развојот“, изјави Ибрахими.

За овие деца ќе има посебна програма според која ќе се работи, а ќе ја изготви Бирото за развој на образование. Обучувачите ќе имаат посебна обука за работа со овие деца.

„Веруваме дека со предложените измени ќе направиме поголем исчекор за инклузија на тие деца“, рече тој.

Ова, според пратениците, ќе овозможи дел од вработените да не мораат да ги носат децата прво во градинка па потоа на работа туку да дојдат во компанијата да ги остават децата во градинка и веднаш да почнат со работа. Но, сметаат дека треба да се зголемат контролите во овие институции за тоа колку се исполнуваат пропишаните услови и стандарди со цел поголема заштита и воспитание на децата.

Весна Пемова, пратеничка од ВМРО­ДПМНЕ, вели дека можноста што ја нуди овој закон можат да ја искористат многу компании за своите вработени, вклучувајќи ги и странските инвеститори, кои отворија свои фабрики кај нас.

„Во Кавадарци од каде што доаѓам јас веќе две години работи Дрекселмаер, голема германска компанија, за производство на автомобилски делови, каде се вработени голем дел луѓе, посебно млади сограѓани. Во моментов бројот на вработени е 4.800 вработени. Се јави еден голем број посебно во Кавадарци, Неготино и Росоман поради неможност на згрижување на децата на тие млади родители во детските градинки. Родителите кои работат таму ќе бидат поспокојни и попродуктивни кога ќе одат на своите работни места“, изјави Пемова.

Со предложените измени и дополнувања се воведува електронска апликација на барање за остварување на правото на детски додаток, се утврдуваат условите кои треба да ги исполни директор на приватна установа за деца ­ детска градинка /центар за ран детски развој, приватна установа за деца – детско одморалиште и раководно лице во организациска единица во состав на правно лице, се врши намалување на бројот на членовите на комисијата за лиценцирање со цел за поефикасно работење на комисијата, се предлага во стандардите и нормативите за вршење на дејноста да се утврдат и стандарди за исхрана и оброци и друго.

Предложените измени и дополнувања на Законот за заштита на децата предвидуваат за 25 отсто зголемување на посебниот додаток за дете со пречки во развојот и со специфични потреби и со Даунов синдром и на материјално необезбедени родители корисници на посебен додаток.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП