Германскиот софтверски гигант „SAP“ ја намали прогнозата на профитот за 2014-та, и покрај силниот раст на приходите и заработувачката во третиот квартал.
Компанијата очекува дека на ниво на цела година, профитот од работењето ќе изнесува од 5.6 до 5.8 милијарди евра во однос на очекуваните 5.8 до 6 милијарди евра.
Понискиот профит е последица на краткорочниот притисок врз маргините и пренасочувањето на работењето на софтверската технологија заснована на „cloud“ сервисите, со чија помош корисниците многу лесно можат да префрлуваат податоци од еден на друг уред, односно да ги имаат достапни на повеќе платформи, пренесува „Financial Times“.
Во трите месеци заклучно со септември, нето профитот порасна за 16 проценти или на 881 милиони евра, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите.
Приходите истовремено се зголемени за пет отсто или на 4.25 милијарди евра, благодарејќи на скокот на приходите од 45 проценти во областа на претлатата на „cloud“ сервисите.