Интернет гигантот „Google“ ги објави, во исто време со новите „Android“ и „Nexus“ уреди, и своите финансиски резултати за изминатиот квартал. Во консолидираниот финансиски извештај за периодот од јули до септември стои дека вкупните приходи на компанијата биле 16.52 милијарди долари, што е раст од 20 проценти во однос на истиот период од 2013-та година. Вкупниот број на интернет рекламите, главниот извор на приходите на „Google“, порасна за 17%.
Во истиот квартал компанијата ги зголемила и трошоците. Меѓу нив најмногу се истакнува 46-процентното зголемување на трошоците за истражување и развој, како и зголемувањето на работната сила за околу 3.000 нови вработени. Па така вкупните трошоци забележаа раст до 6.1 милијарда долари.
Зголемувањето на трошоците влијаеше и на падот на добивката, вкупната оперативна добивка за изминатиот перидот изнесуваше 2.81 милијарди долари, што е помалку во споредба со кварталот од лани (2.91 милијарди). Токму овој последниот податок донекаде ги разочара инвеститорите, па поради тоа цената на акциите на „Google“ паднаа за повеќе до 2 отсто.