1 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКонференција: Да се зачуваат традиционалните млечни производи

Конференција: Да се зачуваат традиционалните млечни производи

mlecni proizvodi

Сточарството мора да се развива за да продолжи традицијата и да се зачува природното, е пораката од денешната конференција „Биодиверзитет на млеко“.

Учесниците оценија дека состојбата со традиционалните млечни производи е алармантна.

Населението од руралните средини кое најдобро знае да ја негува традицијата, се иселува зашто не гледа перспектива.

„Иако се уште имаме живи традиции, повеќето исчезнуваат. Нашето општество се уште не е подготвено да го зачува наследството кое е виза за нашата иднина од секаков аспект, економски, социјален, културолошки,…Не сме подготвени да ги зачуваме, а тие и биодиверзитетот се виза за нашата иднина. Организирањето на производителите, заштитата на географското потекло и промоцијата се основа за подобрување на состојбата“, рече Николче Николоски од Слоу фуд.

Неопходно е, нагласи, и воспоставување континуирана комуникација меѓу производителите, консументите, науката и креаторите на аграрната политика.

Сточарството, според Николоски, е една од алатките која мора да се искористи во фунцкија на руралниот развој.

Како што напомена Ана Стојанова, технолог во „Осогово милк“ – Соколарци, перспективата е во традиционалните производи.

„Потрошувачите ги бараат, сакаат добар вкус и квалитет, но понудата моментно не може да го задоволи пазарот. Најголем е интерсот за сирењата, кашкавалите, биеното сирење, путерот, урдата и урдата со пиперки. Цената е битна, но квалитетот уште повеќе. Ако е висок, тогаш и цената се прифаќа. Сепак, традиционалните производи не се многу поскапи од индустриски добиените“, изјави Стојанова.

Во однос на суровината, се уште се проблем недоволните количини и релативно слабиот квалитет.

„Суровината секогаш недостига и не е најквалитетна. Затоа интензивно работиме на вложувања во нова технологија, стандарди за квалитет и безбедност, окрупнување на производителите и нивна поголема сериозност кон продукцијата“, посочи Стојанова, потенцирајќи дека квалитетната суровина е основа за традиционалното производство.

И експертите се согласија дека квалитетот и безбедноста се пресудни, мора да се задоволат. Потенцирајќи ја предноста на традиционалното над индустриското, Мери Илиеска, претставник на „Хансен“ за Македонија, рече дека разликата е пред се во суровината, во млекото, чиј вкус зависи од пашата. Ако со иста маја се потквасат два типа млеко, едно добиено од фармски животни, а друго од добиток што слободно пасе, вкусот и мирисот се сосема различни.

На конференцијата можеа да се дегустираат буламач и стригле, традиционални млечни производи кои полека исчезнуваат од македонската трпеза. „Салонот на вкусови“, пак, што исто така беше дел од програмата, понуди и кашкавал од Бистра, дебарско бело саламурено сирење, биено сирење од Мариово, козјо сирење, млечна маст,…

Буламач и стригле денес се исклучиетлно ретко застапени, ги произведуваат само уште неколку семејства од Малешевијата. Буламач е вид сирен намаз, додека стриглето е свежо ситно сирење кое најчесто се подготвува со пиепрки, објаснија организаторите.

Во Македонија моментно се регистрирани помалку од 10 производители на традиционални млечни производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар