„Audi“ на отворањето на саемот во Париз го престави концептот „TT Sportback“, купе лимузина базирана на најновата генерација на спортскиот модел „ТТ“.
Германскиот производител на тој начин најавува можно проширување на семејството на моделот „ТТ“ со автомобил кој на најдобар начин ќе му се спротивстави на „Mercedes CLA“.
Иако на хартија идеата за „Audi TT“ со 5 врати нема многу смисла, првите фотографии на овој концепт покажува дека се работи за интересен автомобил.
„Audi TT Sportback“ е долг 4,47 m, широк 1,89 m, a висок 1,38 m. Меѓуосовинското растојание изнесува сосема пристојни 2,63 m и поголем е за 12 cm во однос на стандарниот „ТТ“.
Сепак, поради купе линијата на автомобилот, на задните седишта нема да има многу простор за главите на повисоките патници.
Предниот дел на концептот е формиран според новиот „Audi TT Coupe“, а задниот е дизајниран во стил на големите купе лимузини „А5 Sportback“ и „А7 Sportback“, со атрактивно решение за стоп светлата и хромираните издувни цевки.
Внатрешноста исто така е слична како кај „Coupe“ верзијата со 4 посебни кожни седишта.
Погонот на „Audi TT Sportback“ се обезбедува од 2.0-литарски четирицилиндарски „TFSI“ турбо-бензинец со 400 ks (294 kW) и 450 Nm максимален вртежен момент.
Моторот е поврзан со седумстепен „S tronic“ менувач. Моќта се пренесува на сите 4 тркала со помош на „quattro“ системот.
Возилото од 0 дo 100 km/h забрзува за 3,9 секунди, a „Audi“ не го објави податокот за максималната брзина.
Иако засега нема официјална потврда дали „TT Sportback“ ќе добие своја продукциска верзија, нема да биде изненадување ако германскиот производител се одлучи во блиска иднина на купувачите да им понуди сериски модел базиран на овој концепт.