19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК: Македонија со поголем економски раст од ЕУ и Еврозоната во 2013...

ЕК: Македонија со поголем економски раст од ЕУ и Еврозоната во 2013 и 2014 година

OLLI-REHN-98799826

Потпретседателот на Европската комисија задолжен за економска и монетарна политика, Оли Рен, денеска излезе со зимската економска прогноза за земјите-членки на Европската унија, но и за кандидатите и дел од земјите од „третиот свет“. Притоа, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Комисијата и предвидува поголем економски раст на Република Македонија во однос на ЕУ и на Еврозоната!

Со констатација дека во 2011 година нашата земја имала 2,8 проценти раст, лани 0,0%, односно нема раст, ниту дефицит, ЕК за годинава и предвидува 1,5 проценти раст во однос на Бруто-домашниот производ (БДП) на Република Македонија, додека за 2014 година предвидувањата се тој да изнесува 2,5 проценти.

Колку за споредба, прогнозите на Комисијата за Европската унија се само 0,1 проценти раст годинава и 1,6 отсто за идната година, додека Еврозоната стои уште полошо и се предвидува да остане во рецесија со минус 0,3 проценти раст за 2013 година и излегување од рецесијата за идната година, односно предиден раст од плус 1,4 проценти од БДП на Еврозоната.

Она во што нашата земја стои најлошо од сите е процентот на невработеност, кој во 2011 година бил 31,4 отсто, лани 31,2%, додека за 2013 и 2014 година се предвидува негов пад (што значи раст на вработеноста) на 30,7%, а за идната година процентот на невработеност да изнесува точно 30,0 отсто. Процентот на невработеност во Европската унија, пак, за годинава се очекува да изнесува 11,1%, а за идната година да падне за 0,1 процент, додека во Еврозоната има 12,1 процент невработени лица и исто така за 2014 година се очекува овој процент да се намали за 0,1 промил.

Исто така, Македонија лошо стои и во однос на јавниот дефицит кој за лани изнесувал минус 3,8 проценти, годинава е предвиден на минус 3,5 проценти, а за 2014 година на минус 3,3 проценти од БДП, што е спротивно на договорот на ЕУ од Мастрихт во 1992 година, кога се воспостави економска и монетарна унија, а кој предвидува максимум јавен дефицит од минус три проценти. Токму за Унијата, ЕК предвидува годинава и во 2014 година да има идентичен дефицит од 1,9 проценти во буџетот, а Еврозоната – минус 1,3 отсто.

Сепак, Македонија е далеку пред земјите-членки на Унијата во однос на јавниот долг кој лани бил 31 процент од БДП, за годинава се предвидува да порасне до 33,3 проценти, за во 2014 година да достигне 35 проценти од БДП. За споредба, според зимската прогноза на Европската комисија јавниот долг на ЕУ лани бил 87,2 проценти од БДП, годинава се очекува да достигне 89,9 потсто, а во 2014 година – 90,3 проценти од БДП!

– Во текот на 2012 година, економското забавување беше поостро отколку што се очекуваше. Во 2013 година, инвестициите и извозот веројатно ќе бидат главните извори на раст, иако високата увозна содржина на инвестиции непосредно го намалува влијанието врз растот. Високото учество на структурната невработеност ќе го ограничи одговорот на невработеноста до силен раст. Инфлациски притисоци се очекува да останат ниски. Во септември 2012 година, Владата го покрена дефицитот за 2012 година од 2,5 проценти од БДП до 3,5 отсто, главно поради ниското ниво на приходи. Сличен дефицит се очекува во 2013 година, што ќе остане над 3 отсто, исто така и во 2014 година, како одраз на зголемените трансфери и инвестиции – се вели за Македонија во зимската економска прогноза на Комисијата.

Генерално, Комисијата предвидува дека земјите-кандидати за членство во ЕУ се опоравуваат од двојното дно!

Инаку, поединечно од 27-те земји-членки на Унијата, најголем раст и се предвидува на Летонија (годинава за 3,8%, а идната година за 4,1 процент од БДП), а тука некаде е и Естонија (2013 – 3,0%, 2014 – 4,0%). Кипар, пак, е единствената земја на која не и се предвидува да излезе од рецесија ниту идната година (за оваа минус 3,5%, а 2014 година – минус 1,3 проценти од БДП), додека Грција уште годинава би бимала дефицит од 4,4 проценти, додека идната година се предвидува раст од 0,6 отсто. Ек, годинава не предвидува раст ниту на ШПанија (-1,4%), Италија (-1,0%), Холандија (-0,6%), Португалија (-1,9%), Словенија (-2,0%), Чешка (0,0%), Унгарија (-0,1%) и Хрватска (-0,4%).

– Додека финансиските услови на пазарот во ЕУ значително се подобрени од минатото лето, економската активност беше разочарувачка во втората половина на 2012 година. Сепак, водечките индикатори укажуваат на тоа дека БДП-то на ЕУ сега е на дното и очекуваме економскат аактивност постепено да се забрзува. Важно е дека расте довербата на инвеститорите во иднина и ние мораме да останеме на курсот на реформи – порача комесарот Рен на денешното претставување на прогнозата.

Европската комисија излегува трипати годишно (зимски, пролетни и есенски) со двегодишни економски прогнози за земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство, како и за неколку други земји-партнери од „третиот свет“ како САД, Русија и Јапонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП