5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Собрани се сите неопходни дозволи за почеток на изградба на хотелот „Кортјард бај Мериот“ во Белград и работите треба да почнат во јануари, јавува интернет порталот Беобилд. Неодамна се исполнети важни предуслови за реконструкција на зградата на Југодрво на Плоштадот Република во модерен градски хотел. Се работи за инвестиција вредна околу 25 милиони евра, која конечно ќе ги искористи потенцијалите на оваа врвна локација по повеќе години запуштеност, пишува Беобилд.

Белград – Српската министерка за енергетика Зорана Михајловиќ изјави дека Фондот за енергетска ефикасност ќе почне да функционира од 1 јануари следната година. Пред собирот за Бизнис енергетска ефикасност во Сава Центар, таа рече дека се очекувало да има повеќе средства од буџетот за тој фонд – 900 милиони динари, но сепак нема да има толку пари.

Бања Лука – Босна и Херцеговина има најлош деловен амбиент во регионот, се оценува во новиот извештај на Светска банка (СБ) за југоисточна Европа. Во извештајот се оценува и дека Република Српска, од друга страна е одличен пример за подобрување на деловниот амбиент, посебно проектот на едношалтерскиот систем кој е воведен во тој ентитет. Како што пренесоа медиумите во РС, на тоа укажаа шефицата на Канцеларијата на СБ во БиХ Анабела Абро и водечкиот економист на таа финансиска институција Сајмон Дејвис.

Милано – Италијанскиот производител на автомобили „Фиат“ ќе инвестира 9 милијарди евра во нови модели. „Фиат“ сака да ги заживее празните фабрики и да ги спречи загубите кои во последните три години ги бележи во Европа. Покрај инвестициите во марките „масерати“ и „алфа ромео“, чии нови модели ќе се произведуваат во Италија, Фиат ќе се фокусира на нови варијанти автомобили од семејството 500, како и на поефтиното возило „панда“, јавува њујоршката агенција Блумберг.

Пекинг – Темпото на растот на индустриското производство во Кина успори во ноември, но малопродажбата забележа забрзување, покажуваат официјалните податоци. Индустриското производство, кое го мери производството во фабриките, рудниците и работилниците, порасна во ноември за 10 отсто на годишно ниво, што е успорување во однос на октомврискиот раст од 10,3 отсто, но во согласност со прогнозите на економистите, соопшти кинеското Национално биро за статистика.

Вашингтон – Американските економисти тврдат дека тековната криза во еврозоната потсетува на случајот на латиноамериканските држави чии стопанства во изминатите 30 години претрпеа големи падови. Економистите Карлос Вех и Гилијермо Вулетин, во анализа посветена на сличноста на претходните кризни појави во латиноамериканските економии и сегашниот пад во земјите на еврозоната, наведуваат дека рецесијата во текот на првиот квартал оваа година продолжила во седум од вкупно 12 анализирани држави на еврозоната.

Сингапур – САД и уште 11 држави од брегот на Тихиот океан не успеаја да постигнат конечен договор за зоната на слободна трговија која би се протегала од Чиле до Јапонија. Овие 12 земји минатиот викенд се состанаа во Сингапур, во обид до крајот на оваа година да го запечатат Транспацифичкиот трговски пакт, но аналитичарите и пред почетокот на состанокот тврдеа дека постојат мали шанси договорот за предложеното Транспацифичко партнерство ТТП да биде постигнат. Иницијатор на ТТП се САД и тој проект е клучен сегмент за пресврт на надворешната политика на САД кон Азија.

Анкара – Турското стопанство во третото тримесечие забележа раст поголем од очекуваниот, објави Националниот институт за статистика. БДП во периодот од јули до септември е зголемен 4,4 отсто во однос на истото тримесечие во 2012 година, додека економистите во просек предвидуваа раст од 4,5 отсто, а во однос на претходниот квартал БДП порасна 0,9 отсто се додава во соопштението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП