ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАРобот што сам гради ѕидови веќе работи низ Европа (ВИДЕО)

Робот што сам гради ѕидови веќе работи низ Европа (ВИДЕО)

Роботите полека стануваат дел од секојдневието на европските градилишта, а машината „WLTR“ веќе покажува дека иднината на градежништвото можеби ќе изгледа поинаку отколку што сме навикнати.

Овој робот, специјализиран за ѕидање, самостојно поставува тули и гради ѕидови со висока прецизност, а зад себе веќе има повеќе од 40 успешно реализирани проекти низ Европа.

Првата роботизирана градба во регионот е изведена во словенечка Церкница, каде компанијата „Винербергер“ во соработка со „Тосидос“ го претстави „WLTR“ како решение за недостигот на работна сила и потребата од побрза изградба.

Технологијата веќе се користи во Чешка, Полска, Австрија, Унгарија и Велика Британија, а интересот за ваквите машини постојано расте.

Роботот работи во комбинација со еден оператор и еден асистент, а според производителите може да замени тим од пет до шест ѕидари. Откако мајсторот ќе го постави првиот ред тули, „WLTR“ ја презема главната работа и може да изгради до 10 квадратни метри ѕид за еден час.

Машината е опремена со сензори кои постојано ја проверуваат положбата на секоја тула и автоматски ги коригираат евентуалните отстапувања. Дополнително, роботот може да гради до висина од три и пол метри без потреба од скеле.

Од компанијата нагласуваат дека роботиката не треба да се гледа како закана за работниците, туку како алатка што ќе им помогне.

„Роботичкото ѕидарство не е замена за човечкото знаење и искуство, туку одговор на вистинските предизвици на градежната индустрија“, изјави Амел Емкиќ од групацијата „Винербергер“.

Според него, иднината на градежниот сектор ќе се темели на комбинација од човечка експертиза и напредна автоматизација.

Во моментов во Европа работат 12 вакви роботи, но плановите предвидуваат нивниот број значително да се зголеми до крајот на 2027-ма година. Роботите веќе се користат за изградба на семејни куќи, станбени објекти, детски градинки и магацини, а експертите сметаат дека нивната улога на градилиштата ќе биде сè поголема во наредните години.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП