ПочетнаИНТЕРВЈУЕко навиките стануваат норма само кога системот се гради и функционира заеднички...

Еко навиките стануваат норма само кога системот се гради и функционира заеднички – Ико Брдароски, Пакомак

Промената на навиките на населението не може да се случи преку ноќ, но поттикнувањето на позитивни примери и истакнувањето на правилните вредности може значително да го забрза овој процес. Доказ за тоа гледаме во работата на Пакомак, компанија која веќе 15 години претставува вистински еко лидер и најголем управувач со амбалажниот отпад во земјата. За активностите на компанијата во следниот период разговараме со Ико Брдароски, менаџер за грижа за корисници во Пакомак.

1. Темите и активностите за чистата животна средина и правилното управување со отпадот сè повеќе го привлекуваат вниманието на јавноста. Што велат податоците од терен – дали растечката свест кај граѓаните се одразува и во поголема активност за селектирање на отпадот?

    Ико Брдароски: Да, податоците од терен покажуваат позитивен тренд – количините што се собираат во ХоРеКа сегментот растат, како и отпадот од пакување од игло контејнерите, особено кај зелените за стакло. Значаен е порастот кај повратните вендинг машини, кои граѓаните навистина добро ги прифатија како едноставен и практичен начин за селекција на амбалажата. Охрабрувачки е, и особено не радува фактот што сѐ повеќе млади луѓе, особено тинејџери, активно ги користат овие решенија, што укажува на позитивна промена во навиките кај новите генерации.

    2. Во последните години, чест и попопуларен начин на селективно одложување на отпадот е преку Повратните вендинг машини кои Пакомак ги поставува заедно со Швајцарската амбасада. Колку граѓаните ги користат ПВМ?

    Ико Брдароски: Моментално ПВМ ги користат над 60.000 корисници во 21 град низ државата, претежно во поголемите урбани средини. Особено радува фактот што и локалните власти активно се вклучуваат, стимулирајќи ги граѓаните преку субвенционирање на зелените поени. Ова се покажува како ефикасен и одличен механизам, а значајна е и поддршката од Швајцарската амбасада. Годинава планираме дополнителни 23 машини, со што мрежата ќе достигне околу 110 машини, а бројот на градови опфатени низ државата сигурно ќе биде над 25.

    3. Колку отпад се собира преку Повратните вендинг машини?

    Ико Брдароски: Минатата година преку Повратните вендинг машини собравме 18 милиони парчиња пластични шишиња и лименки, што претставува значаен чекор кон зголемување на стапката на селектирање во земјава. Оваа година нашата цел е да ја надминеме таа бројка и да достигнеме 20 милиони собрани пакувања. За да ја доближиме оваа бројка, сликовито тоа е еквивалентно на повеќе од 8 целосно исполнети олимписки базени со пластични шишиња и лименки. Но, зад овие бројки стои и нешто многу поважно – постепена промена на навиките на граѓаните и зголемена подготвеност за активно учество во системот за селектирање. Повратните вендинг машини се покажуваат како ефикасен и лесно достапен механизам кој ги мотивира луѓето да селектираат, а токму ваквите решенија се клучни за долгорочно градење на одржливи еко навики.

    Ико Брдарски Пакомак

    4. Што најмногу влијае на процесот на собирање и на рециклирање на амбалажниот отпад за Пакомак? Дали тука гледате простор за подобрување?

    Ико Брдароски: Процесот на собирање и рециклирање на амбалажниот отпад најмногу зависи од три клучни фактори: едукацијата на населението, инфраструктурата и условите што заеднички ги создаваат Пакомак и општините, како и нивото на одговорност во однесувањето кон отпадот. Граѓаните треба да имаат знаење, но и лесно достапни контејнери за селекција, организирани системи за собирање и јасни насоки како правилно да го одложуваат отпадот. Организирани системи значи координиранио поставување на унифицирана опрема за селективно собирање на амбалажниот отпад на национално ниво со цел ефективно сервисирање и празнење на опремата. Ние како компанија со целото наше 15 годишно искуство стоиме на располагање на секоја општина за соработка по овој основ. Без вакви услови, дури и најдобрата едукација останува без ефект.

    Секако, простор за подобрување има, а еден од најголемите предизвици е недоволната примена на мерки за одговорност – досега релативно мал број казни се изречени за несоодветно фрлање отпад. Искуството од европските земји покажува дека ефикасните системи се градат преку баланс помеѓу свесноста и доследното спроведување на правилата. Но, ова е процес што не се случува преку ноќ. Бара континуирана работа, професионалност, истрајност и длабоко разбирање на проблематиката. Пакомак веќе 15 години е дел од европската мрежа на вакви организации, што ни овозможува да ги применуваме најдобрите практики и знаења.

    Дополнително, во наредните две години планираме да го отвориме и новиот погон за автоматско селектирање на амбалажен отпад, со што Скопје и целата земја ќе направат значаен чекор кон современо и системско управување со отпадот. Станува збор за инвестиција од над еден милион евра, поддржана од нашите долгогодишни партнери од Швајцарската амбасада, која ќе овозможи еколошка и ефикасна селекција без штетни влијанија врз животната средина. На долг рок, како прв ваков капацитет на Балканот, ќе претставува клучна алка во системот за управување со отпад.

    5. Сметате ли дека нивото на еколошка свест кај Македонците е на доволно високо ниво? Како да изградиме еко навики кои ќе траат, а нема да бидат само уште еден „тренд“ кој ќе го напуштиме кога ќе ни стане здодевен?

    Ико Брдароски: Сметам дека еколошката свест кај нас постепено расте, но сѐ уште не е на нивото на кое треба да биде за да создадат вистински и одржливи промени. За да изградиме еко навики што ќе траат, потребен е системски и позитивен пристап, комбинација од рана едукација, но и јасно поставени правила кои ги насочуваат граѓаните кон одговорно однесување. Во многу високо развиени земји, високите стапки на селектирање и рециклирање не се резултат само на свесност, туку и на доследно спроведување на правила – вклучително и санкции кога тие не се почитуваат.

    Клучно е секоја општина во државата да има јасна стратегија и долгорочен план, а ние во Пакомак сме подготвени да бидеме силен партнер во тој процес. Но, вистинските резултати доаѓаат само кога сите чинители ќе се вклучат – бизнис заедницата, институциите, комуналните претпријатија и граѓаните. Само преку таков заеднички и координиран пристап можеме да изградиме систем што ќе функционира долгорочно и да создадеме еко навики што ќе станат дел од секојдневието – не како тренд, туку како норма.

    ТРЕНДИНГ

    ХОРОСКОП