Последниве месеци, во спортските и фитнес кругови сè почесто се зборува за една нова спортска опсесија – Reformer пилатес. На прв поглед изгледа елегантно, лесно и речиси како танцување: прецизни движења, контролирано темпо и вежби што повеќе потсетуваат на кореографија од балетска сцена отколку на класичен тренинг. Без тешки тегови, без исцрпувачко трчање и без агресивни вежби, Reformer пилатесот носи сосема поинаков пристап кон телото – комбинација од сила, баланс, флексибилност и грациозност. Токму затоа оваа дисциплина во последно време стана омилен избор за луѓе од сите генерации – жени и мажи, почетници и активни спортисти, затоа што тренинзите се приспособуваат на сечија возраст, форма и кондиција.
„Гледајќи како светски познати имиња со години практикуваат Reformer пилатес, сфатив дека ваквиот тип на тренинг не треба да биде резервиран само за славните или за професионалните спортисти. Токму спротивното, ова е вежбање што може да му помогне на секој човек да се чувствува подобро во сопственото тело, без разлика на возраста, полот или физичката подготвеност. Reformer пилатес е модерен и динамичен начин на вежбање кој комбинира контрола, сила, флексибилност и елегантни движења, користејќи специјална Reformer машина што овозможува прецизни и безбедни вежби за целото тело. За разлика од класичните тренинзи, овде фокусот не е само на изгледот, туку и на чувството на леснотија, баланс и енергија,“ ни сподели Бојан Павлов, сертифициран инструктор за Reformer пилатес во новото WE RE:FORM boutique Reformer Pilates студио во Скопје.


