29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо НБРМ промовирани две книги од авторот Борче Треновски

Во НБРМ промовирани две книги од авторот Борче Треновски

bogov

Македонија и во наредните три-четири години треба да го задржи фиксниот курс на денарот во однос на еврото зашто тоа е бедем кој макроекономски не штити од околината. Тоа го наметнуваат претпоставките и околината, бидејќи во Србија се олабави фиксниот курс на динарот и сега имаат прилично нестабилна макроекономска политика.

Ова го порача доцентот на Економскиот факултет во Скопје д-р Борче Треновски на промоцијата на неговите книги „Креирање на клучните макроекономски политики во услови на глобалната економска криза“ и „Креирање на оптималната макроекономска политика во Македонија во услови на глобалната економска криза“ во Народната банка на Република Македонија (НБРМ) со кои ја одбрани докторската дисертација.

Според него, искуството покажува дека секогаш кога има рестриктивна монетарна, а експанзивна фискална политика во Македонија има намален економски раст.

– Секогаш кога имаме експанзивна монетарна политика и рестриктивна фискална политика имаме раст на економијата. Тоа покажува дека се додека не се создадат услови да се олабави монетарната политика не можеме да очекуваме дека ќе се поттикне економијата. Треба прво да се создадат услови да се либерализира и олабави монетарната политика за да може да стимулираме економски раст, изјави Треновски.

На Владата и порача претпазливост и креирање на координирани политики, повеќе да оди со структурни реформи, а да троши кога ќе се создаде простор за тоа. Истакна дека Македонија добро се снаоѓа од 2010 година до сега и има експанзивна и фискална и монетарна политика.

Посочи дека во неговите книги е објаснето дека монетарната политика реагира рестриктивно кога ќе се зголемат јавните расходи, дека задолжувањето расте, дека мора да се зголемат даноците после четири квартали, дека девизните резерви се намалуваат бидејќи сме увозно зависни,…

– Најновите истражувања спроведени во 50 земји во транзиција ги потврдуваат токму овие резултати. Интересно е што позитивно влијание на економскиот раст има кога приходите се зголемуваат што е чудно. Тоа покажува дека рестриктивната фискална политика влијаела позитивно, но не заради рестрикцијата, туку заради намалувањето на сивата економија. Ова се обратни трендови, но се веќе потврдени на меѓународно ниво, рече Треновски.

Неговиот ментор за докторската дисертација и воедно рецензент на двете дела проф. д-р Горан Петревски прецизира дека во Македонија е ограничен ефектот од експанзивната фискална политика заради тоа што е мала и отворена економија и нема мултиплицирање на јавната потрошувачка, бидејќи голем дел од неа се одлива во странство.

Рецензентот проф. д-р Таки Фити истакна дека двете дела на Треновски се бават со актуелна тематика и многу комплексно ги објаснуваат последиците од економската криза врз реалната, фискалната и монетарната економија.

Рецензентот проф. д-р Методија Стојков, пак, нагласи дека се уште има траги од кризата иако во светски рамки има многу написи дека глобалната криза е минато.

Според него, инспирацијата на Треновски за двете дела се должи на фактот што светската економија не успеа да ја предвиди економската криза иако, како што рече, имаше некои економисти кои ја навестија. Кажа дека станува збор за пионерски трудови кои ќе можат во иднина да се користат при изработка на магистерски и докторски трудови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП