ПочетнаКОМПАНИИАкционерите му ја одобрија „платата на векот“: Ако ги исполни сите цели,...

Акционерите му ја одобрија „платата на векот“: Ако ги исполни сите цели, Маск ќе заработи повеќе од кој било друг во историјата

Акционерите на Тесла го одобрија рекордниот пакет плати на Илон Маск, кој, ако ги исполни сите цели, би можел да достигне речиси трилион долари.

Тоа е најголемиот менаџерски бонус во историјата на корпоративниот свет, кој беше поддржан од дури 75 проценти од гласовите на присутните акционери на годишниот состанок на компанијата во Тексас. Одлуката беше проследена со стоечки овации, а Маск славеше на сцената, со музика и публиката која го скандираше неговото име.

„Она што го започнуваме не е само ново поглавје, туку цела нова книга за иднината на Тесла“, рече Маск. „Другите собранија на акционери се приспивни песни, а нашите се спектакл.“

Надоместокот на Маск нема да биде стандардна плата. Наместо тоа, целиот износ е поврзан со исполнување на многу амбициозни цели – зголемување на пазарната капитализација на Тесла од 1,4 на 8,5 трилиони долари, воведување на милион роботакси во комерцијално работење и постигнување на низа технолошки и финансиски пресвртници.

Доколку тоа се случи, Маск би добил 423,7 милиони нови акции на Тесла, во вредност од речиси трилион долари.

Менаџментот на компанијата ја бранеше одлуката, истакнувајќи дека, без таков поттик, Маск би можел да ја напушти Тесла, што, како што тврдат, „компанијата не може да си го дозволи“.

На разочарување на некои аналитичари, во својот говор Маск го нагласи хуманоидниот робот Оптимус, а не обновувањето на продажбата на електрични возила. „Погледнете каде е неговиот фокус“, напиша Џин Манстер од Дипвотер Асет Менаџмент на X. Неговата „нова книга“ започнува со Оптимус. Ни збор за автомобили, FSD или роботакси“.

Подоцна, сепак, Маск се осврна на автономниот систем за возење FSD (Full Self-Driving) на Тесла и тврдеше дека компанијата е „скоро подготвена“ да им овозможи на возачите „буквално да испраќаат пораки додека автомобилот сам вози“. Американските регулатори сè уште ја истражуваат технологијата по серија инциденти во кои возилата на Тесла поминале низ црвено светло или завршиле во погрешна лента, во некои случаи со повреди, пишува Би-Би-Си.

И покрај контроверзноста, акциите на Тесла пораснаа за повеќе од 60 проценти во последните шест месеци, иако продажбата опадна откако Маск јавно се здружи со американскиот претседател Доналд Трамп, сојуз кој оттогаш се распадна.

Инвеститорот и акционер Рос Гербер изјави за Би-Би-Си дека бонусот на Маск е „уште еден доказ дека незамисливото се гледа во бизнисот“. „Илон има големи амбиции, но Тесла истовремено поминува низ финансиски тешкотии и го губи својот сјај поради поларизацијата на неговата личност“, предупреди Гербер, чија компанија Гербер Кавасаки го намали својот удел во Тесла. „Се чини дека Маск не сфаќа колку му паднал угледот“, додаде тој.

Од друга страна, Ден Ивс од Ведбуш Секјуритис останува меѓу најцврстите поддржувачи на Маск: „Маск е најголемата предност на Тесла. Веруваме дека влегуваме во фаза во која вредноста на Тесла сè повеќе ќе се базира на вештачка интелигенција“.

Пакетот за компензација е всушност повторно изгласана верзија на план што Маск веќе го оствари еднаш, кога ја зголеми вредноста на компанијата за десет пати. Но, судот во Делавер го отфрли планот во тоа време, заклучувајќи дека членовите на одборот на Тесла се премногу блиски со Маск. Во меѓувреме, Тесла го пресели своето седиште од Делавер во Тексас, а одлуката на судот сега ја разгледува Врховниот суд на Делавер.

Новиот план наиде на отпор од големи институционални инвеститори, меѓу кои и државниот пензиски фонд на Норвешка, најголемиот во светот, и CalPERS, најголемиот јавен пензиски фонд во САД. Затоа Маск се потпираше на исклучително голем број мали акционери, кои традиционално имаат тенденција да го поддржуваат.

Тој и неговиот брат Кимбал Маск, исто така член на одборот, имаа право да гласаат на состанокот. Во неделите пред гласањето, членовите на одборот започнаа интензивна кампања за да добијат поддршка од инвеститорите, објавувајќи промотивни материјали и видеа во кои се величаат придонесите на Маск.

Маск веќе поседува околу 13 проценти од Тесла, но ако ги исполни условите на новиот план, тој удел би можел драстично да се зголеми.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП