„Пума“ ја намали својата прогноза за годишна добивка поради екстремно слабата побарувачка за спортски и лежерни производи и растечката загриженост за потенцијалното влијание на американските царини, објави „Bloomberg“.
Германската компанија сега очекува да објави прилагодена загуба пред камати и даноци оваа година, според соопштението од четвртокот кое покажа разочарувачки прелиминарни резултати за вториот квартал.
Тоа е значителен пад од претходната цел на „Puma“, која предвидуваше профит од 520 милиони до 600 милиони евра според овој индикатор. Проценката е исто така далеку под просечната прогноза на аналитичарите, кои предвидоа профит од 489 милиони евра за годината.
Од „Puma“ истакнаа послаба продажба во Северна Америка, Европа и Кина во вториот квартал и велат дека овој тренд веројатно ќе продолжи до крајот на годината, што ќе доведе до високи нивоа на залихи. Компанијата ги промаши и прогнозите за продажба и профит за вториот квартал.
Компанијата сега очекува продажбата прилагодена на валутата да падне за низок двоцифрен процент оваа година. Претходно прогнозираше раст од ниски до средни едноцифрени бројки.
Компанијата очекува американските царини да му наштетат на бруто профитот оваа година за околу 80 милиони евра.
Откако пристигна во „Puma“ на 1-ви јули, главниот извршен директор Артур Холд се обидува да го преобрази брендот кој се мачеше да се поврзе со потрошувачите во последните години. Ветеранот на „Adidas“ ја презеде функцијата откако поранешниот извршен директор на „Puma“, Арне Фројнд, си замина по серија предупредувања за профитот и несогласувања со надзорниот одбор околу стратегијата на компанијата.
Бизнисот на големо на „Puma“ падна за 6 проценти во вториот квартал, преголем удар за да се компензира со нејзиниот подобро остварен бизнис за директна продажба до потрошувачите, изјави Џејмс Ѓиниќ од „Jefferies“ во белешка. Новата прогноза сугерира дека продажбата ќе падне за околу 20% во втората половина од оваа година, додаде аналитичарот.
„Puma“ голем дел од своите перформанси оваа година ги потпираше на продажба помеѓу 4 милиони и 6 милиони пара патики „Speedcat“ со тенок ѓон и сродни модели како што се патиките „Ballet“. Овој напор беше дел од поширокиот напор на Фројнд да го продлабочи профилот на „Puma“ во патики и спортска опрема од повисока класа.
„Puma“ се мачеше во последните години да лансира производ што го одразува духот на времето. Во исто време, конкурентот „Adidas“ се истакна во овој поглед, особено со своите ретро патики „Samba“ и „Gazelle“. Холд помогна во лансирањето на тие патики додека беше во „Adidas“ претходно оваа деценија.



