Францускиот фармацевтски гигант „Sanofi SA“ постигнал договор за преземање на американската биотехнолошка компанија „Insmed Inc.“ во трансакција вредна 41 милијарда долари, објави „Bloomberg“.
Со оваа аквизиција компанијата има за цел да го прошири своето портфолио во областа на имунологијата и лекувањето на ретките заболувања.
Според соопштението објавено во вторникот, „Sanofi“ ќе плати по 175 долари во готовина за секоја акција на компанијата „Insmed“, специјализирана за лекови против респираторни заболувања. Тоа претставува премија од околу 46 проценти во однос на цената на акциите при затворањето на берзата на 18-ти ноември, еден ден пред „Bloomberg“ да објави дека „Sanofi“ размислува за оваа аквизиција.
Со преземањето на „Insmed“, „Sanofi“ ќе добие две лекови за белодробни заболувања кои веќе се на пазарот – „Brinsupri“ и „Arikayce“. Истовремено, француската компанија ќе добие пристап до поширока палета лекови за третман на ретки заболувања.
Ова е најамбициозниот потег на извршната директорка Белен Гарихо откако таа ја презеде раководната функција во компанијата оваа година.
Гарихо, која е родена во Шпанија, јасно ставила до знаење дека нејзин приоритет е склучување договори со кои компанијата барем делумно ќе се заштити од губењето на ексклузивните права за својот најпродаван лек за кожни заболувања и астма – „Dupixent“. Патентната заштита на овој лек почнува да истекува на почетокот на триесеттите години од овој век.
Договорот за преземање на „Insmed“ е одобрен од управните одбори на двете компании, а се очекува трансакцијата да биде финализирана во првата половина од следната година.
Од „Sanofi“ не очекуваат договорот да има влијание врз финансиските прогнози на компанијата за 2026-та година.