12 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивотот на еден Македонец со плата од 4.000 франци во Цирих

Животот на еден Македонец со плата од 4.000 франци во Цирих

„На крајот од месецот ми остануваат точно толку – да си купам билет за Скопје и да си ја видам фамилијата. Ништо повеќе“.

Вака ја започнува својата приказна Љупчо С. од Битола, кој веќе шест години живее и работи во Цирих, Швајцарија.

Иако многумина од Македонија мислат дека платата од 4.000 швајцарски франци значи луксуз, реалноста на македонските иселеници во оваа скапа европска држава е многу поинаква.

Љупчо работи како техничар во една компанија за одржување на лифтови, каде месечно зема приближно 4.000 франци бруто, што по сите даноци, придонеси и осигурувања му носи нешто повеќе од 3.200 франци нето.

„Станот ми е најголемиот трошок – 1.600 франци за еднособен апартман во предградието Ветинген. Тука не плаќаш само кирија – имаш и трошоци за греење, вода, ѓубре, па и радиодифузна такса, што заедно одат над 2.000 франци месечно“, објаснува тој.

Следен на листата е превозот. Љупчо користи месечна карта за јавен превоз, која го чини 85 франци, но повремено плаќа и паркинг или патни трошоци кога оди во други кантони по работа.

„Превозот е точен до секунда, ама не е евтин – мораш да си ја испланираш секоја линија“, вели тој.

Храната, пак, е категорија што ги изненадува сите кои првпат стапнале во швајцарски супермаркет.

„За основни намирници – млеко, леб, ориз, месо, овошје – давам барем 600 франци месечно. И тоа без многу расфрлање,“ објаснува Љупчо.

Според него, излегување на вечера во ресторан е луксуз – едно обично јадење со пијалак чини од 40 до 60 франци.

Осигурување за здравје, кое е задолжително, одзема дополнителни 350 до 500 франци месечно, во зависност од пакетот. А да не зборуваме за трошоците кога ќе ти затреба стоматолог – каде цената за вадење заб почнува од 300 франци.

„Швајцарија е прецизна, уредна, и навидум совршена. Но не е место за трошење – туку за штедење ако живееш скромно и без фамилија“, вели Љупчо.

Тој додава дека познава Македонци што заработуваат и повеќе, но сепак живеат во заеднички станови со други луѓе за да заштедат.

Експертите потврдуваат дека швајцарскиот животен стандард е висок, но пропорционално високи се и трошоците.

За самец, посочуваат тие, 4.000 франци се доволни, но за семејство тоа е долна граница.

На крајот, Љупчо вели: „Не се жалам, ама и не летам. Работам, штедам, праќам дома и чекам лето да се видам со моите. Швајцарија не е рај – таа е систем“.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП