8 мај, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈАПрви Мај помина, ѓубрето остана - шумата над Кучково претворена во дива...

Први Мај помина, ѓубрето остана – шумата над Кучково претворена во дива депонија(ФОТО)

Иако првомајските празнувања се веќе зад нас, последиците од човечката негрижа сè уште се болна реалност. Екипата на Денар направи теренска обиколка на боровата шума над Крстот во Кучково – место кое традиционално е популарно за излети – и затекна разочарувачка слика: расфрлани пластични шишиња, пепел од огнови, лименки, остатоци од храна, вреќи, чаши, па дури и стари ќебиња и парталави столчиња.

Глетката е жална – зеленилото кое треба да биде прибежиште за одмор, мир и чист воздух, е обесчестено од несовесни посетители кои зад себе оставиле целосен хаос.

И покрај тоа што шумата е на ридест терен и не е лесно пристапна со возило, дел од ѓубрето е натрупано во вреќи и оставено до патека, додека друг дел е просто оставен да се распаѓа меѓу борот и камењата.

На самото место ја сретнавме 62-годишната Елена, жителка на Волково, која често пешачи по планинските патеки околу Кучково.

Видливо вознемирена од она што го видовме заедно, таа коментира:

„Ова е срамота. Природата ни е дадена да ја чуваме, не да ја претвораме во депонија. Јас одамна велам – проблемот не е во тоа што некој дошол да си направи скара, туку што не си ја собрал скарата со себе. Зошто е толку тешко ѓубрето да го ставиш во кеса и да го симнеш до најблиската канта?“

Локалните планинари и рекреативци сведочат дека ова не е нов проблем – после секој поголем празник, особено Први Мај и Велигден, природата останува како бојно поле.

Во земја каде што природата е едно од ретките нешта што сè уште го имаме недопрено, ваквите слики се аларм кој бара подигање на свеста. Потребна е и лична одговорност и институционална поддршка, но и јавна осуда за оние што го користат шумското зеленило како лична канта за отпадоци.

До тогаш, шумата над Кучково ќе остане уште некое време како молчаливо сведоштво за културниот пад на дел од нашето општество. А на секој што ќе се искачи таму – останува дилемата: да се врати со полни бели дробови, или со полни раце ѓубре на враќање.

Дали конечно ќе се научиме дека природата не е тука само за да ни служи, туку и ние неа да ја чуваме?

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП