Во последната деценија, фриленсингот се претвори од маргинален избор во главна опција за илјадници професионалци ширум светот.
Слободата да работиш кога сакаш, од каде сакаш и со кого сакаш звучи како идеален начин на живот. Но, дали зад таа илузија се крие една нова форма на стрес – поопасна и потивка од традиционалната канцелариска рутина?
Тамара Велкова, 34-годишна графичка дизајнерка од Скопје, работи како фриленсерка веќе 5 години.
„Почнав со надеж дека ќе имам повеќе време за себе, за семејството, за патувања. И да, првите неколку месеци беше така. Но, потоа сфатив дека границата меѓу работа и одмор се избришала. Клиенти пишуваат во 23 часот, а јас чувствувам вина ако не одговорам веднаш“, раскажува Велкова.
Флексибилноста што ја нуди фриленсот е меч со две острици. Од една страна, овозможува избор на проекти и распоред според лични потреби. Од друга страна, носи со себе чувство дека секој момент треба да биде продуктивен.
„Работната недела за мене понекогаш трае и по седум дена“, додава Тамара.
Според истражувањата, дури 62% од фриленсерите изјавиле дека чувствуваат поголем притисок во споредба со времето кога биле вработени во компанија.
Причината? Финансиската нестабилност, недостигот од социјална сигурност и постојаната трка по нови клиенти.
Социологот Љубица Маџовска, објаснува:
„Фриленсингот создава илузија на контрола. Но, кога приходите зависат од секој нов проект, луѓето развиваат хроничен стрес – сличен на оној кај луѓето што работат под висок притисок, но без стабилна поддршка од системот“.
Според Маџовска, клучно е да се постават граници и да се воспостават ритуали на одмор, исто како кај редовно вработените.
Но, не сите ја гледаат сликата во темни тонови. Љупчо Марков, маркетинг консултант и фриленсер од Скопје, вели: „Да, има периоди на стрес, но ја контролирам играта. Не ми викаат шефови, не одам на бесмислени состаноци. Научив јас да ги бирам клиентите, а не обратно“.
Очигледно е дека фриленсот не е едноставна формула за среќа. За некои, тоа е пат до слобода и креативно исполнување. За други, тоа е замка со невидливи ѕидови – каде што слободата доаѓа со висока цена.
Во свет каде што сè повеќе луѓе ја напуштаат традиционалната работа, фриленсингот останува поле на потенцијал, но и ризик.
Одговорот на прашањето дали е слобода или нов стрес зависи од личниот пристап, границите што ќе ги поставиме и капацитетот да се справиме со несигурноста што таа слобода ја носи.
Б.З.М.