Традиционалната медицина во Македонија има длабоки корени и претставува нераскинлив дел од културното наследство.
Од генерација на генерација, се пренесуваат рецепти за лековити чаеви, тинктури и облоги, кои многумина ги користат како прва помош пред да се обратат на современата медицина.
Во време кога синтетичките лекови доминираат, сè повеќе луѓе повторно се враќаат кон природните решенија, верувајќи дека тие се поблаги за организмот и нудат долгорочни здравствени придобивки.
Билки наместо апчиња
Во многу македонски домови, чајот е првиот лек при настинка или стомачни тегоби.
Камилицата, нане, маточината и мајчината душичка се едни од најчесто употребуваните билки.
Димитар Стојаноски, 63-годишен билкар од Прилеп, вели дека неговото знаење за лековитите билки го наследил од својата баба.
„Кога бев дете, секоја пролет одевме во планина и беревме билки. Баба ми ме учеше која за што се користи. Денес, луѓето сè повеќе се интересираат за природни лекови, особено за чаевите од жалфија и ајдучка трева за подобрување на имунитетот“, раскажува Димитар.
Освен чаевите, често се користат и домашни сирупи. Најпопуларен е сирупот од бел слез, кој традиционално се прави за ублажување на кашлицата, а постарите генерации го користат и против воспаленија.
Медот – природен антибиотик
Во Македонија, медот е незаменлив дел од народната медицина. Се користи за настинки, воспаленија, па дури и за подобрување на варењето.
Пчеларот Јован од Кратово, кој се занимава со пчеларство повеќе од 20 години, објаснува дека луѓето сè повеќе се враќаат на медот како природен лек.
„Медот од багрем е одличен за смирување на нервниот систем, додека планинскиот мед е најдобар за јакнење на имунитетот. Имам клиенти кои секоја зима купуваат мед и полен за да избегнат грип“, вели Јован.
Покрај медот, и прополисот има посебно место во домашната аптека. Овој пчелин производ се смета за природен антибиотик и многумина го користат за зајакнување на организмот.
Лековити облоги и народни методи
Македонците често применуваат и облоги како дел од народната медицина.
На пример, облогите со рен се користат за болки во зглобовите, додека компресите од ракија и ловоров лист се популарен лек против висока температура.
Кате Петрова, 55-годишна домаќинка од Битола, споделува како во нејзиното семејство се користат природни лекови.
„Кога моето внуче имаше силна кашлица, наместо сируп од аптека, направив облог со печен кромид и мед. По две вечери, кашлицата речиси целосно исчезна“, вели Кате.
Зошто народната медицина сè уште опстојува?
Иако модерната медицина е напредна и нуди брзи решенија, многумина веруваат дека традиционалните методи имаат своја предност.
Причината за нивната популарност лежи во долгогодишната употреба и природниот состав на лековите.
Матичен лекар од Скопје истакнува дека комбинацијата на традиционална и современа медицина може да биде најдобриот пристап кон здравјето.
„Не секогаш природните лекови се доволни, но тие можат да бидат одлична поддршка за телото. На пример, чаевите можат да помогнат при одредени состојби, но ако проблемот е сериозен, секогаш треба да се консултира лекар“, вели нашиот соговорник.
Б.З.М.