Дали веќе завршивме со „ерата на AI чет-ботови“ и брзаме кон „автономни AI агенти“ кои ќе извршуваат задачи без човечко влијание? Ако ги прашате кинеските стартапи, одговорот е дефинитивно да.
Имено, минатата недела група кинески инженери собрани околу истоимениот стартап го претставија како што го нарекоа „првиот целосно автономен AI агент за вештачка интелигенција во светот – Манус“. Како што објаснија, „манус“ на латински значи рака и би требало да претставува AI агент кој „ќе ги претвори мислите на корисникот во дела“.
Во превод, овој AI агент може самостојно да извршува сложени задачи без човечко управување или насоки. За разлика од него, најпопуларните чет-ботови со вештачка интелигенција како ChatGPT, Gemini и други, имаат потреба од човек да внесе известување или барање за да активира дејство. Манус, тврдат неговите креатори, може проактивно да донесува одлуки и самостојно да ги извршува задачите. Поточно, не треба да се чека човекот да му каже што да прави.
Тие објаснија дека Манус не користи само еден модел на вештачка интелигенција, туку управува со повеќе специјализирани „под-агенти“, како шеф на работа кој управува со своите вработени. Авторите тврдат дека токму тоа му овозможува непречено да ги решава сложените проблеми во повеќе чекори. Кога е готово, само го известува корисникот дека резултатите се подготвени или задачата е завршена, без непотребни објаснувања.
Експертите веруваат дека ова е значаен момент, бидејќи сигнализира нова ера на вештачка интелигенција – чекор поблиску до целосно независна вештачка интелигенција која би можела да преземе дел од одговорноста.
Но, дали светот е подготвен да ја предаде контролата на AI агенти како Манус?
За разлика од другите модели со вештачка интелигенција, Манус всушност може да е закана за луѓето во форма на „одземање“ на нивните работни места и замена на работниците. Ова, очигледно, покренува цела низа етички и регулаторни прашања за неговата употреба.
Како прво, кој презема одговорност за своите постапки во случај на проблем? Регулаторите ширум светот предупредуваат дека токму тоа е главното прашање, на кое се уште никој не нашол задоволителен одговор.
Чет-ботови со вештачка интелигенција на самиот почеток се покажаа како прилично несигурни и склони кон халуцинации. Дали Манус е подобар во овој поглед или не, останува да видиме.
Од друга страна, по DeepSeek, ова е веќе втор „револуционерен“ AI модел кој доаѓа од Кина и кој објективно гледано е понапреден од „напредните модели“ кои доаѓаат од САД.
Ова укажува дека Кина не само што ги достигна американските компании, туку и ги надмина во развојот на AI агенти. И неавтономните и автономните. Нема ни да спомнуваме каде е Европа во сето ова.
Сигурно е дека Манус, како и сите други автономни агенти за вештачка интелигенција кои ќе пристигнат по него, ќе го смени односот на силите и правилата на игра. Ќе видиме само како остатокот од светот ќе одговори на овој предизвик.