Тајванскиот производител на полупроводници „Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.“ (TSMC) планира да направи нова инвестиција од 100 милијарди долари во САД, што ќе опфати изградба на пет дополнителни фабрики во земјата во наредните години, објави нејзиниот главен извршен директор Си Си Веј за време на состанокот со американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот во Белата куќа.
„TSMC“ е најголемиот светски производител на чипови и водечки снабдувач на големите американски хардверски компании.
„Треба да можеме да ги произведуваме полупроводниците што ни се потребни токму овде. Ова за нас е прашање на национална безбедност“, рече Трамп.
Плановите на „TSMC“ вклучуваат три нови погони за производство на чипови, два напредни капацитети за пакување и голем центар за истражување и развој.
100 милијарди долари, кои ќе го поттикнат домашното производство и ќе ги направат САД помалку зависни од полупроводниците произведени во Азија, се во прилог на веќе најавената голема инвестиција на тајванската компанија. Во април минатата година, „TSMC“ постигна договор за проширување на планираните инвестиции во земјата за 25 милијарди долари до 65 милијарди долари и да изгради трета фабрика во Аризона до 2030-та година.
Во ноември минатата година, американското Министерство за трговија, под водство на тогашниот претседател Џо Бајден, финализираше владина субвенција од 6,6 милијарди долари за американската единица за производство на полупроводници на „TSMC“ во Феникс, Аризона.
Компанијата рече дека „со нетрпение очекува да разговара за нашата заедничка визија за иновации и раст во индустријата за полупроводници, како и истражување на начини за поддршка на технолошкиот сектор заедно со нашите клиенти“.
Во 2022-ра година Бајден потпиша законски измени за да обезбеди субвенции во вредност од 52,7 милијарди долари за американско производство и истражување на полупроводници за да се стимулира домашното производство и да се намали зависноста на САД од полупроводници произведени во Азија.
Минатиот месец, секретарот за трговија на Трамп, Хауард Лутник, им рече на пратениците дека програмата е „одличен прв чекор“ за обнова на секторот, но тој одби да се обврзе на грантовите што веќе ги одобри Министерството, велејќи дека сака да ги „прочита, анализира и разбере“.
Портпаролот на „TSMC“ минатиот месец рече дека компанијата добила 1,5 милијарди долари според Законот за чипови пред новата администрација да ја преземе функцијата во согласност со пресвртниците наведени во договорот.
Минатата година „TSMC“ постигна договор за производство на најнапредните чипови во светот со технологија од 2 нанометри во својата втора фабрика во Аризона, која се очекува да започне со производство во 2028-ма година. Компанијата, исто така, се согласи да ја користи својата најнапредна технологија за производство на чипови, наречена „A16“ во Аризона.