Стартапот за вештачка интелигенција „Anthropic“ е во преговори за собирање 3,5 милијарди долари во круг на финансирање, што е значително повеќе од износот што претходно се очекуваше, потврди „CNBC“.
Според два извори запознаени со договорот, кои побараа да остане анонимни бидејќи деталите не се јавни, кругот ќе ја зголеми вредноста на стартапот тројно на 61,5 милијарди долари. „Lightspeed Venture Partners“ го предводеше финансирањето, со учество на „General Catalyst“ и други, велат изворите.
Финансирањето, првпат објавено од „The Wall Street Journal“, сигнализира континуирана побарувачка на инвеститори за водечки компании за вештачка интелигенција, дури и во услови на потенцијални нарушувања од кинескиот „DeepSeek“.
„Anthropic“ е поддржан од „Amazon“ и „Google“ и првично постави цел да собере 2 милијарди долари, според еден од изворите.
Од стартапот одбија да ги коментираат овие информации.
Последната проценка на компанијата на приватен пазар беше 18 милијарди долари. Амазон инвестираше 8 милијарди долари во стартапот.
„Anthropic“ е основан од раните вработени во „OpenAI“ и е креатор на популарниот четбот „Claude“. Претходно во вторникот, „Anthropic“ објави модел за кој вели дека е „најинтелигентниот модел со вештачка интелигенција досега“. Нејзиниот таканаречен хибриден модел ја комбинира способноста да размислува – или да престане да размислува за сложени одговори – со традиционален модел кој дава одговори во реално време.