Во последните седум години, државата не инвестирала ниту денар во модернизација на системите за наводнување, што предизвикува сериозни последици врз земјоделското производство.
Додека климатските промени го менуваат аграрниот пејзаж, земјоделците остануваат беспомошни во борбата за основниот ресурс – водата.
Недостигот на инвестиции го намалува приносот, квалитетот на производите и ја загрозува одржливоста на семејните стопанства, особено во регионите зависни од интензивно наводнување.
Земјоделците пред сериозен предизвик
„Минатата година едвај ги наводнивме нивите. Секој ден гледавме во небото со надеж дека ќе заврне, но тоа не е начин на кој може да се работи земјоделство,” вели Гоце Вренцов, земјоделец од Тиквешкиот регион, каде лозарството е главна гранка.
„Ако нема инвестиции во наводнување, многумина ќе бидат приморани да се откажат од земјоделството“, додава тој.
Во многу делови на земјата, земјоделците се приморани да копаат сопствени бунари, но и тие се скапи и неизвесни.
Во Полошкиот регион, каде градинарските култури бараат континуирано наводнување, проблемот е уште подраматичен.
„Нашите трошоци растат, а приносот паѓа. Во овие услови, едноставно не можеме да се натпреваруваме со странските производители“, вели Васка Андонова, земјоделка од Гостивар.
Властите признаваат проблем, но нема решенија
Од Министерството за земјоделство признаваат дека состојбата е алармантна.
„Свесни сме за проблемите со системите за наводнување и потребата од итни инвестиции. Но, за сè се потребни средства и време“, брифираат извори од Министерството за земјоделство.
Сепак, досега нема конкретен план кога и како ќе се подобрат условите. Во буџетот за 2025 година, според достапните информации, за наводнување се предвидени минимални средства, недоволни за вистинска модернизација.
Времето истекува
Аграрните експерти се категорични дека без итни инвестиции, македонското земјоделство ќе стане неконкурентно.
„Недостигот на вода не е само тековен проблем – тој ќе се продлабочи со секоја наредна година. Ако не се вложи во системи за наводнување сега, последиците ќе бидат катастрофални“, предупредуваат експертите.
Тие нагласуваат дека покрај државните инвестиции, потребно е и вклучување на приватниот сектор преку јавно-приватни партнерства.
Потребен е притисок од јавноста
Земјоделците бараат од Владата приоритетно да ги реши овие проблеми.
„Не бараме невозможни работи – бараме можност да работиме, да произведуваме и да го храниме народот“, додава Вренцов.
Во услови на климатски промени и растечка глобална конкуренција, модернизацијата на системите за наводнување не е луксуз, туку неопходност.
Дали Владата ќе преземе конкретни чекори или земјоделците повторно ќе останат со празни ветувања – останува да се види.
Б.З.М.