19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштините под лупа на експертите, колкава е самоодржливоста на ЕЛС?!

Општините под лупа на експертите, колкава е самоодржливоста на ЕЛС?!

Самоодржливоста на општините е можна само преку подобрување на наплатата на данок на имот, подобрување на капиталните инвестиции и елиминирање на непродуктивните трошоци. Институтот за економски анализи и политики Finance Think направи анализа за тоа, дали има напредок во оддржиливоста на локалните самоуправи со сопствени средства, без да бидат помогнати од Владата. Податоците велат дека структурата на приходните и расходните категории е речиси непроменета во периодот кој се анализира, а тоа е 2021-ва до 2023-та во споредба со 2017-та до 2020-та година.

Учеството на трансферите и донациите во консолидираните приходи на општините во анализираниот период односно од 2021- 2023 година е минимално намалено на 68% од 69% во периодот во однос на 2017-2020. Истражувањето покажало дека доколку се исклучат донациите, трансферите од други нивоа на власт учествуваат со 66% во 2021- 2023, додека сопствените приходи, кои ги опфаќаат сите приходи освен трансферите од централна власт, во буџетот учествуваат со 34% од вкупните приходи.

Експертите од Институтот воочиле дека овој сооднос е релативно непроменет во годините што се анализиаат. Учеството на даночните приходи од 21% во периодот 2017-2020, се зголемува на 23% во периодот 2021- 2023.

„Послабото извршување на приходите е поврзано со послабо извршување на расходите. Доколку се споредат двата периоди од 2017-2020 и 2021-2023, во првиот период стапката на реализација кај Единиците на Локална Самоуправа(ЕЛС) варира од 50% до 95% проценти од планираните приходи и расходи. Во вториот период се забележува значително подобрување во планирањето, со групирање поголем дел од ЕЛС помеѓу 80% и 95% реализација на приходите и расходите. Всушност, во двата периоди на анализа, просечната стапка на реализација на приходите е зголемена за 13 п.п., а на расходите за 10 п.п. Ова може да е знак на подобрено планирање на буџетите по воведеното фискално правило во 2018 година, со кое ЕЛС се ограничуваат од драстично зголемување на планираните сопствени приходи над своите капацитети, со што се обезбедува пореалистично извршување на буџетот“, стои во анализата на Finance Think.

Во анализата се наведува дека единиците на локалната самоуправа со најмали вкупни приходи се најбогати по приход од глава на жител. Експертите заклучиле дека ова може да е резултат на линеарната компонента од приходите од ДДВ, според која сите локални самоуправи добиваат 3 милиони денари, додека на нив се додава променливиот дел од дотацијата. Општините пак со најмногу жители бележат и највисоки вкупни приходи, што е очекувано доколку се земе предвид методологијата за доделување дотации врз основа на ДДВ , каде што значајна улога во основниот дел од трансферите има бројот на жители во дадена општина по што следуваат површината (0.27) и бројот на населени места.

„Кај ЕЛС се забележува подобрување на реализацијата на сопствените приходи Согласно Законот за финансирање на ЕЛС, во сопствени извори на приходи на ЕЛС спаѓаат сите локални даноци, такси и надоместоци, приходи од сопственост на општината, самопридонес, парични казни, донации и други приходи утврдени со закон. Оттука, нашата проценка на сопствените приходи е извршена одземајќи ги транферите од другите нивоа на власт од вкупните консолидирани приходи на ЕЛС. Може да се забележи дека реализацијата на сопствените приходи континуирано се подобрува, со стапка на реализација од 46% во 2017 година, до високи 86% во 2023 година. Овој тренд може да е резултат на воведувањето на варијабилните елементи во дотациите од ДДВ, односно делот за мерење на перформансите, што нуди одреден поттик ЕЛС да ја подобрат наплатата на сопствените приходи и да го подобрат планирањето на буџетите. Воедно, фискалното правило воведено во 2018 ги ограничува ЕЛС од прекумерно зголемување на планираните приходи над просечната реализација во претходните три години.

Со цел да се испита врската помеѓу трансферите од централна власт и реализацијата на сопствените приходи, од Finance Think извршиле споредба за 2023 година. Тука е забележана врска помеѓу реализацијата на сопствените приходи и трансферите од други нивоа на власт во дадената година.

„Би се очекувало во иднина, ЕЛС кои имаат висока стапка на реализација на сопствените приходи, да бидат наградени со повисоки трансфери од централна власт. Како што е одредено и во методологијата за распределба на средства од ДДВ, бројот на жители во голема мера го детерминира износот на трансфери што се префлa од централно на локално ниво. Оттука, очекувано е поголемите ЕЛС да бележат поголеми трансфери од централна власт. Според учеството на сопствените приходи во вкупните приходи, кое може да се увиди од големината на кругот, само 11 ЕЛС бележат учество над 45% на сопствените приходи во вкупните приходи. Општините Дебрца и Демир Капија се истакнуваат по тоа што бележат висока стапка на реализација на сопствените приходи и високо учество на истите во вкупните приходи, но значително пониски трансфери“, стои во анализата на Finance Think.

Интересен е податокот кој вели дека во периодот 2021-2023, секој жител во просек платил по 1,426 денари врз основа на данок на имот. Доколку се споредат двата периоди од интерес, може да се забележи зголемување на приходите од данок на имот по глава на жител со текот на годините. Во периодот 2021-2023, секој жител во просек платил по 1,426 денари, што е зголемување од 66% во споредба со претходниот период. Податоците велат дека растот на приходите од имот може да се должи на зголемената наплата, но и на извршени репроценки на пазарните вредности на имотите во општините. Општина Центар се издвојува според најголем приход од данок на имот, со 5,166 денари по глава на жител. По неа, следуваат Општина Охрид и Општина Дојран со 4,778 и 4,447 денари по глава на жител, соодветно. Со измените во Законот за даноците на имот, од 2022 година започна примената на повисока даночна стапка за недвижен имот што не се користи, сè додека истата не беше укината од страна на Уставниот суд во 2024 година, се наведува во истражувањето.

„Во 2021-2023, учеството на трансферите од централна Власт во вкупните приходи на ЕЛС се намалило за 1 п.п. во споредба со 2017-2020. Во 2021-2023, кај 48% од ЕЛС се забележува намалување на зависноста од централниот буџет мерена преку учеството на трансферите од други нивоа на власт во вкупните приходи на ЕЛС, споредено со пораниот период, додека кај преостанатите 52% зависноста е зголемена. Најголемо намалување се забележува кај Општините Конче (-13 п.п.), Петровец (-10 п.п.) и Гази Баба (-10 п.п.). Сепак, доколку се земе медијалната стапка на зависност на сите ЕЛС за двата периоди, таа останува непроменета на 66%. Ова укажува на генерално ист сооднос помеѓу сопствените приходи и трансферите од други нивоа на власт во периодот 2017- 2023 и оттука следува дека растот на трансферите од централна власт го следи растот на сопствените приходи. Промените во зависноста од централниот буџет веројатно се должат на прераспределба на буџетски средства од централна власт согласно промените во населението од последниот Попис во 2021 година“, се вели во анализата.

Буџетските расходи за плати реално растат кај сите општини, достигнувајќи просечен расход по ЕЛС од 145 милиони денари во 2023 година. Сепак, реалниот раст од 2017 до 2020 година е значително поголем односно 18%, во споредба со растот помеѓу 2021 и 2023 година од 1%, што укажува дека порастот на основните плати во значајна мера е придвижен од инфлаторните движења. Други фактори што потенцијално влијаеле се усогласувањата со минималната плата и исплатата на регрес за годишен одмор. Покрај платите на административните работници во локалните самоуправи, во ставката основни плати спаѓаат и платите за вработените во основните и средните училишта, детските градинки, домовите за стари лица, противпожарната заштита и локалните институции во областа на културата. Согласно податоците од најновиот Попис на населението, во 2023 година, буџетските расходи за основни плати по глава на жител достигнуваат 8,108 денари.

Кај поголем дел од Единиците на локалните самоуправи е намалено учеството на капиталните расходи во вкупните расходи 59% општините го намалиле учеството на капиталните расходи во своите вкупни расходи, додека 32% го зголемиле. Во споредба со 2017-2020, Општина Петровец и Општина Конче дале поголем приоритет на капиталните расходи, со што го зголемиле нивното учество во вкупните расходи за 17 п.п. и 8 п.п., соодветно. Општина Лозово и Општина Чучер Сандево го намалиле учеството на капиталните расходи за 21 п.п и 14 п.п.

„Целта на овој бриф е да ги анализира буџетските позиции на единиците на локалната самоуправа во периодот од 2021- 2023 година, наспроти 2017-2020, со фокус врз нивната финансиска самоодржливост и ефикасност. Во периодот на анализа, забележано е подобрување во реализацијата на приходите и расходите, при што просечната стапка на реализација на приходите е зголемена за 13 п.п., а на расходите за 10 п.п.. Особено значајна е подобрената реализација на консолидираните сопствени приходи, во просек од 61% на 78%. Сепак, има простор за подобрена наплата на даноците на имот, со оглед на половичната евиденција и индивидуалниот пристап што го имаат ЕЛС во овој процес. При намалено учество на капиталните расходи во вкупните расходи на ЕЛС, се нотира подобрено планирање и реализација на оваа буџетска категорија. Стапката на зависност од централната власт останува на исто ниво, со медијана од 73%, што укажува дека сè вкупно, растот на трансферите од други нивоа на власт го следи растот на сопствените приходи.“ заклучуваат експертите.

Воведување на унифициран механизам за евиденција и наплата на даноците на имот, вклучувајќи присилна наплата и електронски систем за наплата, со што ќе се олесни процесот и ќе се намалат разликите во евиденција и наплата помеѓу ЕЛС, препорачуваат од Finance Think .

Со оглед на ниското учество на консолидираните капитални расходи од 17% во вкупните приходи, неопходно е да се даде поголем приоритет на зголемување на буџетските средства за капитални инвестиции, со цел поттикнување на локалниот економски раст и развој. Во завршните сметки на ЕЛС да се наведат потставките на категоријата „други градежни активности“. Ова според нив ќе овозможи поголема транспарентност и подобар увид во видот на капиталните инвестиции кон кои се насочуваат средствата, како што се инвестиции за изградба на патишта, мостови, системи за водоснабдување, енергетска инфраструктура и слично. Непродуктивните трошоци, како што се купување на возила и мебел, треба да се намалат или целосно отстранат од категоријата капитални расходи. Достапноста на агрегирани податоци за буџетите на сите ЕЛС во обработлив формат на веб страницата на Министерството за финансии е за поздравување. Но, сепак, има простор за подобрување на организацијата и прегледноста на податоците со цел да се олесни нивната употреба за анализи од ваков тип.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП