Раководството на Фолксваген ќе ги намали платите за вкупно повеќе од 300 милиони евра до 2030 година, изјави Гунар Килијан, член на управниот одбор на автомобилскиот гигант задолжен за човечки ресурси.
Намалувањето на платата е дел од мерките за преструктуирање на бизнисот на проблематичниот концерн.
Бордот на директори на VW ќе добие поголемо намалување на платите од другите вработени во однос на нивната заработувачка, изјави Килијан за локалниот весник Брауншвајгер цајтунг, пренесува Ројтерс, без да даде дополнителни детали.
Поради актуелните предизвикувачки услови во европската автомобилска индустрија, притисокот од кинеската конкуренција во областа на електричните автомобили и бавното прилагодување на промените на автомобилскиот пазар, VW се најде во деловни проблеми.
За да се врати конкурентноста, менаџментот најави преструктуирање на бизнисот и промена на деценискиот бизнис модел кој на вработените им нуди бројни поволности и стабилност на работните места.
Ова предизвика незадоволство на работниците и штрајкови, а раководството и претставниците на синдикатот ИГ Метал започнаа неколкунеделни маратонски преговори кои завршија на 20 декември.
Исходот од преговорите е дека фабриките на VW во Германија нема да се затворат, туку бројот на вработени во концернот на германска територија ќе се намали за 35.000 до 2030 година. Volkswagen моментално вработува околу 130.000 луѓе.
Со оваа и другите мерки за оптимизација на трошоците, Volkswagen треба да заштеди 1,5 милијарди евра годишно.