Исплатата на регресот за годишен одмор, попознат како К-15, сè почесто станува предмет на злоупотреби од страна на работодавачи во реалниот сектор.
Иако законската обврска е јасна – работниците треба да добијат најмалку 40% од просечната плата, реалноста покажува дека голем број компании се обидуваат да го заобиколат законот.
Според здружението „Гласен текстилец“, само во текот на изминатите 24 часа пристигнале десетици пријави за неправилности при исплатата на К-15 од различни сектори.
Пет од пријавените компании, кои вработуваат околу 2.000 работници, исплатиле минимални суми од само неколку стотини денари.
„Работодавачите очигледно нашле начин како да ја искористат законската недореченост и да ги оштетат работниците. Во некои случаи, исплатените суми се смешно ниски – 500, 200, па дури и 100 денари“, соопшти Кристина Ампев од „Гласен текстилец“.
Според неа, најголем проблем е недостатокот на ефективни казни и контроли од страна на институциите.
Пари на сметка, па назад во џебот на газдата
Најчести се случаите кога работодавачите исплаќаат минимален износ или, уште полошо, бараат парите веднаш да им бидат вратени.
40-годишната Виолета, вработена во мал бутик за облека во Скопје, сведочи за еден ваков случај.
„Газдата ми рече дека ќе ми префрли 17.000 денари на сметка како К-15, но ми нагласи дека веднаш истиот ден морам да ги извадам на банкомат и да му ги вратам на рака. Бев шокирана, но не можев да приговарам затоа што се плашев да не ја загубам работата“, раскажува Виолета.
Според неа, ваквите практики се честа појава кај мали и средни компании, каде работниците се наоѓаат во незавидна позиција и се плашат да реагираат.
Државата молчи, казните не функционираат
Експертите посочуваат дека ваквите злоупотреби се последица на слабата контрола од страна на државните институции, особено Управата за јавни приходи (УЈП).
Покрај тоа, казните за непочитување на законите се премногу ниски и не претставуваат никаква пречка за работодавачите.
„Проблемот е што казните се минимални во однос на профитот на компаниите. Имаме случаи каде фирми пријавуваат загуби, а истовремено нивните сопственици купуваат луксузни автомобили или нови недвижнини“, коментираат експертите со коишто разговаравме.
Тие сметаат дека итно треба да се спроведат контроли во компаниите што пријавуваат финансиски загуби за да се утврди вистинската состојба.
Работниците на милост и немилост
Во реалниот сектор, каде што регресот за годишен одмор изнесува околу 16.800 денари, работниците честопати се оставени сами да се борат за своите права.
Додека институциите чекаат и компаниите се извлекуваат, илјадници работници остануваат без заслужената исплата, надевајќи се дека следната година нема да се соочат со истите злоупотреби.
„Сè додека државата не преземе ригорозни мерки, ваквите злоупотреби ќе продолжат. Работниците заслужуваат достоинствена исплата и законска заштита“, коментираат експертите.
Дали конечно ќе има промени или ова ќе остане уште една година на разочарувања за работниците? Одговорот лежи во рацете на надлежните институции.
Б.З.М.