Рекордно ниво на инвестиции, подобрена бизнис клима, работа на терен, се само дел од пофалбите кои на сопствена адреса си ги испратија властите. Политиките велат кои ги носи оваа влада придонесуваат за подобрување на економската активност. Рекорд бил постигнат во привлекувањето на странските инвестиции. Бизнисот пак алармира дека ситуацијата не е добра. Очекувањата биле многу поголеми.
Од владата излегоа со податоци дека во третиот квартал од годинава, приливот на странски директни инвестиции во Македонија достигна 281,6 милиони евра. Ваквиот прилив се должи на економската и политичката стабилност која ја покажуваме како Влада, на предвидливоста и стабилноста која ја имаат компаниите, на посветеноста и заложбата во процесите и пристапот кон нулта толеранција за корупција кои беа индикатори за намалени инвестиции годините наназад.
Податоците кои ги објави Владата велат дека странските директни инвестиции во Македонија во периодот јануари-септември достигнаа 838,2 милиони евра, што е зголемување од 348,4 милиони евра во однос на истиот период минатата година а тоа според нив е и убедлив рекорд во изминатите дваесет години.
„За само неколку месеци успеавме како Влада да склучиме договори со многу инвеститори како „Алказар Енерџи“ – ветерниот парк, каде ќе има 55 ветерници и ќе се гради меѓу три општини Карбинци, Штип и Радовиш. Во текот на изградбата на ветерниот парк се очекува да бидат отворени 630 нови работни места. „Епсотек“, новата германско-белгиска инвестиција, за што ќе бидат вложени 20 милиони евра и отворени нови 110 работни места. Новата инвестиција на „Костал“ од 45 милиони евра со нови 250 вработувања“, велат од Владата.
За разлика од овие податоци, најголемиот дел од изјавите на стопанствениците за бизнис климата во земјава не се позитивни. Очекувањата не само што биле многу поголеми, туку и надежта на бизнисмените била дека конечно со промената на власта акцентот ќе биде ставен на економијата.
„Очекувавме дека оваа влада ќе има сенс за бизнисот со сите овие кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се зборуваше во минатиот период беше само зголемување на платите во јавната администрација, земање на кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето на работна сила“, велат од Организацијата на работодавачи.
Неколку месеци по ред паѓа индустриското производство, се намалува бројот на работници во индустријата. Најголемо изненадување е и тоа што има пад на просечната плата. Од друга страна, приватниот сектор и натаму чека банките и владата конечно да се договорат и да почне кредитирањето со парите од Унгарија.
И.П